ДОДЕКА ГО СЛАВАТ СТЕПАН БАНДЕРА, НЕ МОЖЕ ВО ЕУ! Полска постави свој услов за Украинците

Една земја кандидат не може да ја гради својата политика околу спомен на лик и настани кои предизвикуваат болка и провоцираат приговори од нивните ЕУ партнери – потенцира полскиот министер Камиш.

488

Полскиот министер за национална одбрана Владислав Косњиак – Камиш рече дека Варшава самата ќе реши дали да го поддржи влезот на Украина во ЕУ, велејќи дека никој нема право да ѝ диктира на Полска што да прави со својот глас.

Прашан дали Украина може да влезе во ЕУ додека Степан Бандера останува една од централните фигури во нивното историско наследство, министерот изјави дека Киев мора да ги исполни сите услови за влез во ЕУ, вклучително и оние од историската меморија.






– Една земја кандидат не може да ја гради својата политика околу спомен на лик и настани кои предизвикуваат болка и провоцираат приговори од нивните ЕУ партнери, потенцира министерот.

И полската европратеничка Ева Зајачковска-Герник го критикуваше украинскиот претседател Зеленски и ја повика полската влада и народ да се обединат во спорот со Киев поради односот на украинските власти кон наследството на Степан Бандера и Украинската бунтовничка армија.

На социјалната мрежа Икс, таа оцени дека полската влада не реагира доволно решително на потезите на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои ги опиша како навредливи за Полска.

„Зеленски ни плука во лице, а владата на Туск се преправа дека врне. Кога станува збор за честа и достоинството на Варшава, сите мора да претставиме обединет фронт“ – напиша Зајачковска-Герник.

Полската европратеничка изјави дека постапките на властите во Варшава дополнително ги продлабочуваат поделбите во полското општество, наместо да ги зближуваат граѓаните околу прашања што се сметаат за историски и национално чувствителни во Полска.

Степан Бандера (1909–1959) е радикален украински националист, политички лидер и една од најконтроверзните личности во современата историја на Источна Европа. Тој го предводел милитантното крило на Организацијата на украинските националисти (ОУН-Б). Неговиот историски континуитет предизвикува длабоки поделби, каде за едни претставува симбол на борбата за независност, а за други соработник на нацизмот и фашизмот.

Неговата фракција ОУН-Б соработувала тактички со нацистичка Германија со цел да се создаде независна украинска држава. Во јуни 1941 година, неговото движење прогласило независна Украина, по што Германците веднаш го уапсиле и го затвориле во концентрациониот логор Заксенхаузен.

Иако самиот Бандера бил затворен, милитантното крило (УПА) под водство на неговите соработници извршило масовни етнички чистења и масакри врз десетици илјади полски цивили во регионите Волинија и Источна Галиција, како и учество во холокаустот врз Евреите.

По војната Бандера живеел во егзил во Западна Германија. Во 1959 година во Минхен бил убиен од страна на агент на советската тајна служба (КГБ), Богдан Сташински.

Поврзани содржини