МУ ВЕТУВАЛ ВОЗАЧКА БЕЗ ПОЛАГАЊЕ, ГО „ЗАКРПИЛ“ ЗА 1.200 ЕВРА Скопјанец измамил Гостиварец
Бидејќи ветената возачка дозвола никогаш не ја добил, сфатил дека станува збор за измама и случајот го пријавил во полиција.
Маж од Гостивар пријавил во полиција дека бил измамен за 1.200 евра, откако му било ветено дека ќе добие возачка дозвола без да полага.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 43-годишниот гостиварец случајот го пријавил вчера во Полициската станица Гостивар.
Како што навел во пријавата, пред околу четири месеци, преку свој пријател стапил во контакт со лице од Скопје. На средба во главниот град, осомничениот му ветил дека ќе му обезбеди возачка дозвола без да полага испит, за што побарал 1.300 евра и копија од личната карта.
Во следниот период, оштетениот во неколку наврати му исплатил вкупно 1.200 евра. Бидејќи ветената возачка дозвола никогаш не ја добил, сфатил дека станува збор за измама и случајот го пријавил во полиција.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.