ПРИТВОР ЗА МАКЕДОНЕЦОТ НА КРИТ Го призна убиството на 45-годишната жена, ќе чека судење зад решетки
Македонски државјанин осомничен за убиство на 45-годишна жена на Крит е испратен во притвор по признание дадено во предистражната постапка.
Со заедничка одлука на истражниот судија и јавниот обвинител, денеска е одредена мерка притвор за македонскиот државјанин кој ја уби 45-годишната жена на Крит и кој подоцна го признал убиството, јави дописничката на МИА од Атина.
Кривичното дело се случило на 30 мај годинава, на денот кога жената била пријавена за исчезната. Случајот бил расветлен минатата недела, кога 43-годишниот македонски државјанин, кој бил потстанар во нејзината куќа и последен кој ја видел, станал главен осомничен. Во неделата, во предистражната постапка, тој го признал убиството.
Тој се товари за кривично дело убиство со умисла и денеска бил изведен пред истражен судија и јавен обвинител во градот Ханија на Крит.
Според грчките медиуми, во својот исказ тој изразил каење и се извинил на семејството на жртвата, наведувајќи дека делото се случило по расправија и без претходно планирање.
Осомничениот ќе остане во притвор до почетокот на судскиот процес.
Како што претходно објави МИА, станува збор за 43-годишен македонски државјанин со иницијали М.Л., кој подолг период живеел и работел на Крит и изминатите четири години изнајмувал стан во сопственост на убиената жена.
Исчезнувањето на 45-годишната Ставрула Левендаки било пријавено со задоцнување од речиси десет дена, што ја одложило и почетната истрага.
Полицијата подоцна соопшти дека осомничениот, соочен со доказите, го признал делото и го посочил местото каде што било скриено телото – на приватна земјоделска парцела кај Ханија. По неговите насоки, телото било пронајдено закопано, завиткано во кеси и врзано со пластични стеги.
Случајот изминатата недела е една од главните теми во грчките медиуми, особено поради тоа што осомничениот првично негирал вина и давал изјави за медиумите.