СЕ СТАБИЛИЗИРА ПОМОРСКИОТ СООБРАЌАЈ ВО КЛУЧНИОТ МОРСКИ ПРЕМИН Морските мини и натаму причина за загриженост

Анализите покажуваат зголемен број транзити низ Ормускиот Теснец, но безбедносните ризици и понатаму ја загрижуваат меѓународната поморска индустрија.

64

Бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец покажува први знаци на нормализација, покажаа денешните анализи на специјализираните организации за бродски сообраќај што ги пренесува ДПА, иако, се додава, неизвесност се уште има околу мините за кои се наведува дека иранските сили ги поставиле во овој клучен воден пат.

Давателот на услуги во бродскиот сообраќај -„Kpler“, вчера изброи 70 транзити низ морезуот, изјави портпаролот на провајдерот, пренесе германската агенција.






Пред избувнувањето на војната во Иран, низ морезуот дневно поминуваа и повеќе од 100 бродови.

Во посебна анализа, давателот на податоци „Windward“ напиша дека комерцијалниот сообраќај во Ормускиот Теснец „се приближува кон функционална комерцијална нормалност“. Оттаму пријавија повеќе бродови што излегуваат отколку што влегуваат во теснината, а Кина е главна земја-одредиште за бродовите што извезуваат нафта.

Корпусот на исламската револуционерна гарда (IRGC) на Иран утринава објави дека транзитите низ водниот пат се безбедни само за рутите означени како такви од нивна страна, пренесе ДПА .

„Kpler“ неодамна означи три рути, при што визуализациите на компанијата покажуваат премини по иранскиот брег на север, оманскиот брег на југ и централна рута помеѓу нив.

Откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, Исламската Република во голема мера го блокираше Ормускиот Теснец за бродски сообраќај преку закани и напади.

САД одговорија со сопствена поморска блокада на иранските пристаништа. Двете страни ги укинаа своите блокади по рамковниот договор потпишан од Вашингтон и Техеран.

Меѓутоа, неизвесноста останува околу морските мини за кои се тврди дека иранските сили ги поставиле во водниот пат. Извештај на американските медиуми од мај, повикувајќи се на анонимни разузнавачки извори, зборуваше за поставување на најмалку 10 мини, потсетува ДПА.

Поврзани содржини