📽️ РАКЕТИ ПАДНАА ВО СРЦЕТО НА РИЈАД Оштетена зградата на познатиот нафтен гигант
Ракетниот напад предизвикал оштетувања на повеќе катови од зградата во финансискиот центар на Ријад. Саудиските власти тврдат дека противвоздушната одбрана пресретнала две ракети, а штетата ја предизвикале нивни остатоци.
Ракетен напад врз Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, предизвикал оштетувања на зградата на нафтениот гигант „Арамко“, сместена во еден од најважните финансиски комплекси во земјата. На повеќе катови биле искршени прозорците, а оштетен бил и дел од фасадата, потврдиле очевидци за агенцијата Франс прес.
Нападот се случил денеска, откако воената коалиција предводена од Саудиска Арабија соопштила дека пресретнала ракети лансирани од Јемен, за кои се сомнева дека биле истрелани од бунтовничкото движење Хути.
Според очевидците, оштетувањата биле видливи на кулата на „Арамко“ во финансискиот округ „Крал Абдула“ (КАФД), деловен комплекс во кој се сместени бројни банки, компании и финансиски институции, објави францускиот весник „Лориен“.
Structural damage to the upper floors of the Aramco tower in Al-Aqiq, Riyadh, has been confirmed following a direct missile hit, with emergency crews fighting flames at the site. #SaudiArabia #Riyadh #AlAqiq https://t.co/fczcIfXZ7D
— ConflictRadarME (@ConflictRadarME) November 8, 2026
Првичните информации не биле доволни за да се утврди дали зградата била директно погодена од ракета или од остатоци по нејзиното пресретнување.
Саудиското Министерство за енергетика подоцна соопштило дека административната зграда на „Арамко“ била цел на обид за напад, но дека оштетувањата биле предизвикани од остатоци од пресретнатите ракети.
Според официјалните информации, во нападот немало загинати ниту повредени.
Воената коалиција соопштила дека противвоздушната одбрана пресретнала и уништила две крстосувачки ракети насочени кон Ријад и кон јужните делови на Саудиска Арабија.
Финансискиот округ „Крал Абдула“ е еден од најпрепознатливите симболи на економската модернизација на кралството. Покрај деловните кули и финансиските институции, комплексот располага со станбени објекти, продавници и метро-станица.
Нападот се случува во услови на зголемени тензии меѓу Саудиска Арабија и јеменските Хути, кои во последните месеци разменуваат обвинувања и напади.