ЕКСТРАДИРАН САИТ САИТОВ ОД СРБИЈА Бегаше по сообраќајната несреќа во Капиштец во која загина жена

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов, осомничен за тешка сообраќајна несреќа во Капиштец, е екстрадиран од Србија и спроведен во затворот „Скопје“ по меѓународна потерница.

401

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов од Скопје, за кого Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница на 12 јануари, денеска е екстрадиран од Србија во Македонија, информира МВР.

Според информациите, на Саитов му е определена мерка притвор, по што е спроведен во затворот „Скопје“ за понатамошна постапка.






Тој е осомничен за кривични дела „против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и „неукажување помош на повредено лице во сообраќајна незгода“, по сообраќајната несреќа што се случи на 9 јануари 2026 година во скопската населба Капиштец, во која животот го загуби жена.

По распишаната потерница од МВР, тој во февруари беше приведен во Белград, по што следеше постапка меѓу министерствата за правда на двете држави за негова екстрадиција.

Според претходните информации, на 9 јануари Саитов управувал возило „фолксваген пасат“ и ја удрил Љуба Јаковлеска, која како пешак го преминувала коловозот во Капиштец. По ударот, тој го напуштил местото на несреќата и ја напуштил државата, без да ѝ укаже помош.

Жената била пренесена во Ургентниот центар, каде и покрај лекарската интервенција починала.

На 10 јануари Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против тогаш 18-годишниот Саитов, како и против две лица (маж и жена), осомничени дека му помогнале по извршувањето на делото.

Според Обвинителството, по несреќата тие дошле пред домот на Саитов со автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, го земале него и неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Србија, по што се вратиле во земјава.

Двете лица што му помогнале подоцна биле лишени од слобода, а за сите инволвирани била побарана мерка притвор, информираа тогаш МВР и Обвинителството.

Поврзани содржини