СО „ВЕЗИЛКА“ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ВТКАЕ ВО ЕВРОПСКАТА ВИ-МРЕЖА Промовиран Национален центар за вештачка интелигенција

Проектот „Везилка“ ќе располага со буџет од над шест милиони евра и ќе овозможи пристап до европски суперкомпјутери. „Везилка“ е вложување во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании, порача премиерот Мицкоски.

383

Македонија официјално го промовираше проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, иницијатива што треба да ја поврзе домашната научна заедница, државните институции и приватниот сектор со европската инфраструктура за развој на вештачка интелигенција.

Проектот, кој го реализира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, има вкупен буџет од околу 6,2 милиони евра. Од нив, приближно 3,1 милиони евра се обезбедени како грант од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата EuroHPC, додека останатите средства се кофинансирани од државата, Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ-УКИМ. Проектот е планиран да се реализира во период од три години.






На промоцијата беше истакнато дека „Везилка“ не претставува самостојна „фабрика за вештачка интелигенција“, туку таканаречена „АИ антена“ – национален центар поврзан со европската АИ фабрика „Фарос“ во Грција. Преку ова партнерство, македонските истражувачи, стартапи, компании и јавни институции ќе добијат пристап до европски суперкомпјутерски капацитети, вклучително и суперкомпјутерот „Даедалус“, како и до напредни бази на податоци и специјализирани алатки за развој на модели со вештачка интелигенција.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за проект чија вредност не се мери само преку инвестицијата што ја носи, туку преку неговиот потенцијал да ја промени насоката на развој на општеството.

– „Везилка“ е вложување во иднината, во потенцијалот на македонските научници, истражувачи, студенти и компании. Тоа е и јасна определба државата да биде активен учесник во технолошките процеси што го обликуваат современиот свет – порача Мицкоски.

Тој нагласи дека Националниот центар за вештачка интелигенција ќе отвори нови можности за домашните универзитети, истражувачки центри и технолошки компании, овозможувајќи идеи создадени во Македонија да се натпреваруваат на европско и глобално ниво.

Посебен акцент беше ставен на развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик. Според Мицкоски, во време кога вештачката интелигенција станува клучен простор за создавање и споделување знаење, присуството на македонскиот јазик во овие технологии е прашање на културен континуитет, научен развој и национална самодоверба.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека проектот претставува историски чекор во дигиталниот развој на државата и обид да се изгради траен систем, наместо да се реализираат поединечни и краткорочни проекти.


– Со „Везилка“ Македонија станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Заедно со Владата, универзитетите и индустријата создаваме национален систем кој ќе обезбеди долгорочен развој на оваа област – изјави Андоновски.

Според проектната документација, активностите ќе бидат насочени кон пет приоритетни области: јазик и култура, здравство, енергетика, јавна администрација и земјоделство. Целта е развој на конкретни решенија базирани на вештачка интелигенција – од македонски јазични модели и дигитализација на културното наследство, до анализа на здравствени податоци, оптимизација на енергетските системи, автоматизација на административните услуги и примена на паметни технологии во земјоделството.

Покрај истражувачката компонента, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на кадри. Планирани се специјализирани тренинзи, образовни програми и поддршка за стартапи и мали компании, со цел да се зголеми бројот на експерти и корисници на технологии базирани на вештачка интелигенција.

Проектот е дел од пошироката европска иницијатива за создавање мрежа на АИ фабрики и антени, преку кои Европската Унија настојува да ја зајакне својата технолошка независност и конкурентност во глобалната трка за развој на вештачката интелигенција. Македонската „Везилка“ е една од 13-те избрани национални антени во Европа, а ќе работи во тесна координација со грчката АИ фабрика „Фарос“, проект вреден 30 милиони евра кој е меѓу првите вакви центри на европско ниво.

Поврзани содржини