СДСМ БАРА НЕШТО ШТО НЕ ПОСТОИ, А НЕ ГИ ГЛЕДА ФИРМИТЕ НА ФИЛИПЧЕ ВО ПЕТРИЧ Власта се потсмева со нападот врз генсекот Игор Јанушев

ВМРО-ДПМНЕ во соопштение му порачува на СДСМ, ако веќе држат прес-конференции на темава, тогаш претседателот на СДСМ, Филипче, нека одговори што точно работат и од каде им е профитот на неговите неколку компании, регистрирани во Бугарија, во Петрич на улица Гоце Делчев број 12.

146

СДСМ денеска побара од Државната комисија за спречување на корупцијата да покрене постапка за генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, за кого тврди дека поседува удели во фирма регистрирана во Бугарија, а тоа не го пријавил во својот анкетен лист, како што предвидува законот.

– ДКСК не смее да биде нем набљудувач, мора веднаш да отвори предмет, да ги провери сите факти, да ги побара сите документи и без одлагање да ја информира јавноста. Дали Игор Јанушев пријавил сѐ што бил должен да пријави согласно закон или криел? Законот предвидува и законска казна доколку се докаже дека криел удел во фирма и ќе мора да одговара – изјави пред седиштето на ДКСК Богданка Кузевска, портпарол на партијата.






Таа го прозва самиот Јанушеев да одговори на овие прашања и рече дека овој, како што го нарече, скандал, го открива лажниот наратив на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ.

– Тераат бизнис интереси во Бугарија, не чекаат како граѓаните со часови на граници, а во исто време ја блокираат европската интеграција на Македонија и ги блокираат парите од ЕУ преку фондовите – рече Кузеска.

Таа праша дали сега Јанушев ќе поднесе оставка на неговата функција генерален секретар на Владата.

ВМРО-ДПМНЕ претходно објави соопштение за овие напади на СДСМ врз Јанушев.

„Од СДСМ да престанат со ширење лаги и да ја манипулираат јавноста и да се фатат за работа, во земјава е потребна конструктивна опозиција, а не опозиција која секојдневно измислува приказни. А ако веќе држат прес-конференции на темава, тогаш претседателот на СДСМ, Филипче, нека одговори неговите неколку компании, регистрирани во Бугарија, во Петрич на улица Гоце Делчев број 12 , што точно работат и од каде им е профитот. Математиката на СДСМ е да не работат ништо додека се во опозиција и само да ја дезинформираат јавноста, а преку додворување на странски власти да се обидат да дојдат некако на власт“, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека СДСМ две години е опозиција, ништо нема понудено, бега од работни групи, не гласа за ништо во Собрание, се кара со медиуми, спинува изјави на странски амбасадори во земјава, и се занимава со сѐ освен со тоа што им е работа.

Поврзани содржини