ГОЛЕМА ПОМОРСКА ОПЕРАЦИЈА ВО ПЕРСИСКИОТ ЗАЛИВ Над 11.000 морнари од стотици бродови чекаат излез од Ормускиот Теснец

По договорот за прекин на огнот меѓу Иран и САД, Меѓународната поморска организација започна координирана операција за евакуација на околу 11.000 морнари и стотици бродови од Персискиот Залив.

148

Во тек е план за евакуација на околу 11.000 морнари и стотици бродови кои се заглавени во Персискиот Залив, со цел тие безбедно да го продолжат својот транзит низ Ормускиот Теснец, по постигнатиот договор за прекин на огнот меѓу Иран и САД, соопшти денеска поморската агенција на Обединетите нации.

Портпаролот на Меѓународната поморска организација (International Maritime Organization) изјави дека е започнат процесот на комуникација со бродовите.






– Почнавме да воспоставуваме контакт со бродовите за да ја започнеме евакуацијата – изјави тој, без да наведе временска рамка.

Од организацијата посочуваат дека се обезбедени безбедносни гаранции и дека се проверени условите за безбедно одвивање на поморскиот сообраќај.

– Оваа обемна операција ќе биде спроведена во тесна соработка со Иран, Оман, сите други крајбрежни држави во регионот, Соединетите Американски Држави и поморската индустрија – изјави генералниот секретар на ИМО, Арсенио Домингез.

Оманското Министерство за одбрана соопшти дека процесот, за кој се разговара со месеци, ќе се одвива во повеќе фази.

„Со оглед на зголемениот ризик од судири во сегашните услови, потребна е постепена и контролирана евакуација на бродскиот сообраќај“, се наведува во соопштението.

Министерството додава дека постојната шема за одвоени пловни правци во моментов не е безбедна, поради што за евакуацијата би можеле да се користат две привремени рути – северна и јужна.

„Со секој брод ќе биде воспоставен поединечен контакт и тој ќе биде известен за денот што му е определен за транзит“, се наведува понатаму.

Шемата, усвоена од ИМО во 1968 година, воспоставува организирани пловни правци низ иранските и оманските води во Ормускиот Теснец.

Пловечките мини и натаму се сметаат за една од најголемите безбедносни закани во овој регион.

Поврзани содржини