ПУТИН ТВРДИ ДЕКА НАТО СЕ ПОДГОТВУВА ЗА ВОЈНА СО РУСИЈА Западот ги зголемува воените трошоци, порача рускиот претседател
Рускиот претседател Владимир Путин обвини дека земјите од НАТО и Европската Унија ја засилуваат милитаризацијата и ја користат наводната руска закана како оправдување за зголемени воени издатоци.
Западот, предводен од НАТО, активно се подготвува за војна против Русија – изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин пред стотици нови офицери на руската армија.
Путин рече дека земјите членки на западниот сојуз досега се ограничувале на поддршка на Украина.
Сега, според него, на Западот отворено се зборува за подготовка за војна против Русија.
– Ги зголемуваат своите воени и офанзивни трошоци. За да ја оправдаат оваа милитаризација, државите на НАТО и на ЕУ користат лажни тврдења за воена закана од наша страна – нагласи рускиот претседател, според официјалниот транскрипт од неговото обраќање.
Според агенцијата ДПА, речиси 40 отсто од буџетските расходи на Русија во моментов се наменети за војската, за вооружувањето и за безбедноста.
Сепак, според Путин, Москва се залага за мултиполарен систем на меѓународни односи што ќе ја гарантира безбедноста на секоја држава.
– Во исто време, подготвени сме оперативно и соодветно да одговориме на сите надворешни и внатрешни закани – предупреди 73-годишниот руски лидер.