АМЕРИКАНСКИ БЕК ЈА ЗАСИЛУВА МАКЕДОНИЈА ДиВејн Стјуард Јуниор е новото име во репрезентацијата

Македонската кошаркарска репрезентација добива нов натурализиран играч – американскиот бек ДиВејн Стјуард Јуниор со НЦАА, НБА-развојно и европско искуство.

27

Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација ќе добие ново име во своите редови.

Како што вечерва објави КФСМ, американскиот кошаркар ДиВејн Стјуард Јуниор ќе биде новиот натурализиран играч на националниот тим, со што селекторскиот стручен штаб добива уште една квалитетна опција во бековската линија.






Роден на 28 јули 1999 година во Мисисипи, САД, Стјуарт е висок 198 сантиметри и настапува на бековските позиции.

Неговата кошаркарска приказна започнува во НЦАА лигата, каде што го носеше дресот на Мисисипи Стејт Булдогс, еден од познатите универзитетски програми во САД.

Во колеџ-периодот се профилираше како еден од најдобрите играчи на својот тим. Во сезоната 2020/2021 беше лидер на Мисисипи Стејт со просек од 16 поени, 3,4 скока и 3,1 асистенција по натпревар, покажувајќи квалитети како реализатор, но и како играч кој може да креира за соиграчите.

Неговите настапи му донесоа признание и место меѓу најдобрите играчи во силната SEC конференција.

По завршувањето на колеџ-кариерата, Стјуарт го направи следниот чекор кон професионалната кошарка.

Беше дел од НБА-развојната лига, каде што настапуваше за Сиукс Фолс Скајфорс и Остин Спарс, собирајќи искуство во систем кој е директно поврзан со најсилната кошаркарска лига во светот.

Европскиот предизвик го донесе во редовите на Цедевита Олимпија, каде што се адаптираше на поинаков стил на игра и ја продолжи кариерата на високо ниво. Во европската кошарка покажа дека може да биде значаен фактор со својата атлетичност, игра „еден на еден“, способност за шут од дистанца и агресивност во нападот.

Стјуарт е играч кој носи комбинација од брзина, физичка моќ и офанзивен потенцијал. Може да игра со топка во раце, да креира позиции за шут и да биде опасност во транзиција. Токму овие карактеристики се очекува да бидат дополнителен квалитет за македонската репрезентација, особено во натпреварите каде што е потребен индивидуален квалитет и поголема ширина во нападот.

Со пристигнувањето на Ди-Џеј Стјуард Јуниор, Македонија добива нов натурализиран репрезентативец – кошаркар со НЦАА, развојна НБА и европска позадина, од кого се очекува да биде важна алка во новиот циклус на сениорскиот национален тим.

Поврзани содржини