ЕВРОПСКА МИСИЈА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КЛУБОВИ Познати датумите за Вардар, Шкендија и за Силекс
УЕФА ги потврди термините за 1. квалификациско коло – Вардар, Силекс и Шкендија со европски предизвик во јули.
Европската фудбалска федерација (УЕФА) попладнево ги објави термините за одигрување на натпреварите од првото квалификациско коло во европските купови, во кои сезонава ќе настапуваат македонските претставници Вардар, Силекс и Шкендија.
Вардар, кој ќе се натпреварува во квалификациите за Лигата на шампионите, во воведното коло го има финскиот Купс. Првиот натпревар ќе се одигра во Скопје, на Националната арена „Тодор Проески“, на 7 јули со почеток во 19:00 часот.
Реванш-средбата во Финска, во градот Куопио, е закажана за 14 јули, а натпреварот ќе започне во 17:00 часот по македонско време.
Освојувачот на македонскиот Куп, Силекс, во првото квалификациско коло од Конференциската лига ќе се соочи со белорускиот Динамо Минск. Првиот натпревар ќе го одигра на неутрален терен во Стара Загора, Бугарија, на 9 јули со почеток во 19:00 часот.
Реваншот е закажан за 16 јули на тренинг-центарот на ФФМ во Скопје, со почеток во 20:00 часот.
Тетовска Шкендија својот настап во Конференциската лига ќе го започне на гостински терен против екипата Европа од Гибралтар, на 9 јули со почеток во 19:30 часот. Реванш-средбата ќе се одигра на 16 јули на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, со почеток во 20:00 часот.
Со овие натпревари, македонските клубови ја започнуваат новата европска сезона и ќе се обидат да обезбедат пласман во следните квалификациски рунди од европските натпреварувања.