САД ПОДГОТВУВААТ КОНТРОЛА НА ИРАНСКИТЕ ПАРИ Венс откри што ќе се случи со милијардите ако бидат одмрзнати
САД и Катар ќе имаат заедничка улога во надзорот на евентуалното одмрзнување на иранските средства, со цел да се спречи нивна злоупотреба за финансирање тероризам.
САД ќе обезбедат гаранции дека секое евентуално ослободување на ирански финансиски средства нема да биде искористено за финансирање тероризам, изјави денеска американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Тој објасни дека Џаред Кушнер предложил механизам за надзор при евентуално одмрзнување на иранските средства.
– Прашањето за иранските средства не е меѓу нашите највисоки приоритети во разговорите со Техеран, но сакавме да воспоставиме механизам кој ќе гарантира дека тие средства, доколку некогаш бидат одмрзнати, ќе бидат во корист на иранскиот народ и нема да се користат за финансирање тероризам – изјави Венс пред новинарите.
Одмрзнувањето на иранските средства е дел од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, кој беше потпишан минатата недела, а според кој замрзнатите или ограничените ирански средства и имот ќе станат достапни по спроведувањето на договорот.
По потпишувањето на рамковниот договор, Вашингтон и Техеран вчера започнаа нова рунда преговори во Швајцарија, на кои присуствува и Кушнер. Целта на разговорите е постигнување конечен договор за ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, кој започна со израелско-американските напади врз Иран на 28 февруари.
Според Венс, Кушнер предложил интересно решение во кое е вклучен и Катар, со што и Катар и САД би имале улога во одобрувањето на секое идно ослободување на ирански средства.
– Тие пари потоа би можеле да се користат за купување американска соја, пченка и пченица во корист на иранскиот народ – рече Венс.
Иран со децении е предмет на американски санкции, кои сериозно влијаат врз неговата економија и ги ограничуваат меѓународните финансиски трансакции на земјата. Голем дел од странските средства на Иран беа замрзнати по Исламската револуција во 1979 година.