СО НОЖ ИМ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА ЌЕ ГИ УБИЕ, СОПРУГАТА ЈА ВЛЕЧЕЛ ЗА КОСА Обвинителството бара притвор за жител на Гајре

Осомничениот од тетовското село Гајре, според Обвинителството, по расправија за пари кршел покуќнина, им се заканувал со нож на мајка си и сопругата и физички ја нападнал жената.

84

Жител на тетовското село Гајре се соочува со кривичен прогон откако, според сомнежите на Основното јавно обвинителство Тетово, извршил семејно насилство врз својата мајка и сопруга, при што им се заканувал со нож и физички ја нападнал сопругата.

Од Обвинителството информираат дека е поведена постапка против осомничениот за кривичните дела „Загрозување на сигурноста“ и „Телесна повреда“, а до судија на претходна постапка е доставен и предлог за определување мерка притвор.






Според наводите во постапката, на 21 јуни осомничениот побарал 100 евра од неговата мајка и сопруга. Откако тие одбиле да му дадат пари, започнал да ја крши покуќнината во домот.

„Со намера да ги вознемири и заплаши жените, осомничениот со нож им се заканил дека ќе ги убие“, информираат од Обвинителството.

Во нападот, сопругата била удирана со тупаници по телото и влечена за косата, при што се здобила со телесни повреди.

Од Основното јавно обвинителство Тетово посочуваат дека, имајќи ги предвид околностите на случајот и исполнетите законски основи, побарале определување мерка притвор за осомничениот.

Поврзани содржини