ДАН ЛАУСТСЕН ДОБИ ЗЛАТНА КАМЕРА НА „БРАЌА МАНАКИ“ Данскиот кинематографер два пати бил номиниран за Оскар

Лаустсен е повеќекратен добитник на меѓународни награди. Номиниран е за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.

23

Лауреат на наградата Златна камера 300 на овогодинешното 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е данскиот кинематографер Дан Лаустсен.

– ИФФК „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните проекти на Друштвото на филмски работници. Фестивалот е мошне значаен за филмаџиите затоа што им дава можност да се сретнат, да комуницираат и да се запознаат со најголемите директори на камера на денешницата, како Дариус Конџи, Роџер Дикенс и многу други врвни кинематографери. Фестивалот дава можност да ги претставиме нашите филмови пред светот, но и пред домашната јавност и сигурна сум дека и годинава ќе имаме значајни македонски филмови кои ќе бидат дел од селекцијата – рече денеска на прес конференција Марија Димитрова, претседателка на Друштвото на филмски работници.






Димитрија Доксевски, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, рече дека 47. издание на фестивалот според бројките и статистиките до денес претставува најамбициозно издание досега.

– Среќен сум што достоинствено се доближуваме до 50. издание и што фестивалот расте од година во година и станува еден од најзначајните фестивали не само во регионот, туку и во светот. Во прилог на ова би сакал да посочам дека оскаровецот Воли Фистер кој минатата година беше наш лауреат, годинава се враќа повторно во Битола и ќе биде член на жирито – рече Доксевски.

Доксевски го соопшти лауреатот на наградата Златна камера 300 – визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен (Dan Laustsen).

– Од 19 до 25 септември, Битола ќе биде домаќин на светската филмска елита предводена од еден од најголемите визуелни магнати на денешницата. Двапати номиниран за Оскар, но дефинитивно број еден во срцата на љубителите на вистинскиот филмски спектакл. Лаустсен е дански директор на фотографија чија четиридецениска кариера остави длабок белег во современата светска кинематографија. Како активен член на Американската асоцијација на кинематографи (ASC) и Данската асоцијација на кинематографи (DFF), Лаустсен е препознатлив по својот специфичен визуелен јазик, кој успешно ги спојува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност – информираше Доксевски.

Роден на 15 јуни 1954 година во Олборг, Данска, Лаустсен го започнал својот формален уметнички пат студирајќи модна фотографија. Набрзо го пренасочил својот интерес кон подвижните слики и дипломира на Националната филмска школа во Данска во 1979 година. Неговите рани ангажмани во скандинавската кинематографија му донеле критичко признание и ја поставиле основата за неговиот препознатлив стил – фокус на длабока атмосфера, висок констраст и стратешка употреба на светлината.

Глобалниот успех на Лаустсен во голема мера е резултат на неговите долгогодишни партнерства со истакнати холивудски автори, како што се Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски.

Соработката со Гиљермо дел Торо резултираше со некои од визуелно највпечатливите филмови на 21 век: „Обликот на водата“ (The Shape of Water, 2017), „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley, 2021) и „Франкенштајн“ (2025).

Во творештвото на Чад Стахелски, Лаустсен е визуелниот архитект на култната акциона франшиза „Џон Вик“ (John Wick), поточно на второто, третото и четвртото продолжение, каде ги редефинираше стандардите за снимање на комплексна акција и неонска естетика.

За својот исклучителен придонес, Лаустсен е повеќекратен добитник на меѓународни награди. Номиниран е за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.

Неговата способност да ги трансформира наративите во уникатни визуелни искуства го позиционира меѓу највлијателните кинематографи на денешницата, а македонската публика и филмските професионалци ќе имаат ретка и ексклузивна можност да застанат очи в очи со легендата.

Во однос на програмата Доксевски рече дека годинава има рекордна бројка на пријавени филмови, повеќе од 600 филмови, што е првпат во историјата на фестивалот, како и работилници со студенти од земјава и странство со еминентен директор на фотографија од Белгија, но и со Марија Џиџева и Фејми Даут, работилница поврзана со програмата Еразмус итн.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски истакна дека со големо задоволство ја продолжуваат соработката со ИФФК „Браќа Манаки“.

– Годинава фестивалот доби зголемена поддршка од Агенцијата за филм во износ од 12 милиони денари, за разлика од минатата година кога поддршката изнесуваше 9 милиони денари. Агенцијата за филм верува во брендот што го изгради Друштвото на филмски работници заедно со сите директори на фестивалот на „Браќа Манаки“. Секако голем успех е што фестивалот доби награда од Британската асоцијација на кинематографери во Англија каде членуваат голем број од светските кинематографери кои доаѓаат и го следат нашиот фестивал – рече Мицевски и посочи дека како Агенција за филм се гордеат со ИФФК „Браќа Манаки“, кој е исклучителен бренд што ги обединува Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници, Кинотека и Град Битола.

Поврзани содржини