ТОПЛОТЕН БРАН ГИ ЗОВРЕ ЕВРОПА И БАЛКАНОТ Температурите се доближуваат до 40 степени, аларми во повеќе земји

Топлотниот бран зафаќа речиси цел континент, од Пиринејскиот Полуостров до Балканот, а властите предупредуваат на ризици за здравјето, пожари и силни невремиња

168

Голем дел од Европа е зафатен од силен топлотен бран кој носи температури блиску до 40 степени Целзиусови, а во некои подрачја и повисоки. Метеоролозите предупредуваат дека жештините ќе продолжат и во наредните денови, додека властите во повеќе држави издаваат предупредувања поради ризици за здравјето на населението, можни пожари и силни невремиња по завршувањето на жешкиот период.

Најтешко погодени се Франција, Шпанија, Италија и делови од Централна Европа. Во Франција се активирани највисоки нивоа на предупредување во повеќе региони, а температурите на места достигнуваат и надминуваат 40 степени. Поради жештините се откажуваат јавни настани, затворени се училишта, а железничкиот сообраќај се соочува со нарушувања поради прегревање на инфраструктурата.






Шпанија се соочува со првиот голем топлотен бран ова лето. Во поголем дел од земјата се активни портокалови и црвени предупредувања, а температурите во внатрешноста достигнуваат околу 40 степени. Властите предупредуваат на зголемен ризик од шумски пожари, додека жителите и туристите бараат засолниште од сонцето во најтоплите часови од денот.

Во Италија се издадени црвени предупредувања за повеќе големи градови, меѓу кои Рим и Милано. Температурите од 36 до 40 степени создаваат проблеми во секојдневниот живот, особено во туристичките центри, каде што голем број посетители бараат разладување покрај фонтани и климатизирани простории.

Германија е под предупредувања за високи температури во речиси целата земја. Во некои региони се измерени и до 38 степени, а метеоролозите предупредуваат дека по екстремната жештина може да следуваат силни грмотевични невремиња со обилни врнежи и силен ветер.

Во Полска температурите се значително над просекот за овој период од годината, а жителите на Варшава и другите градови спас од горештините бараат покрај реките, езерата и зелените површини.

Белгиските железници соопштија дека некои возови нема да сообраќаат оваа недела поради очекуваните рекордни високи температури од 37 степени, и ризикот од оштетување на пругите. Управата на железницата стравува дека шините ќе се деформираат и дека постои ризик од почести дефекти на возовите, што би можело да доведе до блокирање на целиот сообраќај на одредени места.

собено тешка е состојбата во Хрватска, каде што топлотниот бран, според прогнозите, ќе трае најмалку уште една седмица и дополнително ќе се засилува. Државниот хидрометеоролошки завод издаде предупредувања за Славонија, загрепскиот регион, Истра и Кварнер поради високи температури и можност за силни бури. Температурите во најголем дел од земјата се движат меѓу 30 и 35 степени, а на поединечни локации и повисоко. Хрватските власти предупредуваат дека продолжената изложеност на сонце може да доведе до исцрпеност и топлотен удар, додека лекарите посочуваат дека особено се загрозени лицата со кардиоваскуларни, респираторни и хронични заболувања. Дополнителна загриженост предизвикува можноста по жештините да следуваат локални невремиња со грмежи, силен ветер и град.

Во Србија, Републичкиот хидрометеоролошки завод најави продор на многу топла воздушна маса од северна Африка. Температурите во повеќе делови од земјата достигнуваат од 30 до 35 степени, а во Белград и Војводина се очекуваат и таканаречени тропски ноќи, кога температурата не паѓа под 20 степени.

Словенија, која неодамна беше погодена од силни бури со град и оркански налети на ветер, повторно се наоѓа во зона на нестабилно време. Метеоролозите предупредуваат дека комбинацијата од жештина и навлегување посвеж воздух може да предизвика нови силни грмотевични процеси во делови од земјата.

Високи температури се регистрираат и во Австрија, Унгарија, Чешка, Романија, Бугарија, Грција, Португалија и други делови од Балканот и Централна Европа. Во Чешка се очекуваат температури до 36 степени, додека во делови од Романија и Бугарија прогнозите најавуваат вредности блиску до 38 степени.

Експертите предупредуваат дека ваквите топлотни бранови стануваат сè почести, подолготрајни и поинтензивни поради климатските промени. Покрај ризиците за здравјето на луѓето, жештините влијаат и врз економијата, транспортот, снабдувањето со електрична енергија и земјоделството.

Лекарите предупредуваат дека високите температури можат да ги влошат состојбите кај лицата со кардиоваскуларни, респираторни, бубрежни или ментални заболувања. Поради тоа, се препорачува редовно разладување на телото и внесување доволно течности, пред сè негазирана вода и нискокалорични пијалоци, а да се избегнуваат кофеин, алкохол и шеќер.

Здравствените власти низ Европа апелираат граѓаните да избегнуваат престој на директно сонце помеѓу 10 и 17 часот, да внесуваат доволно течности и редовно да го разладуваат телото. Посебно внимателни треба да бидат децата, бремените жени, постарите лица и хронично болните. Се препорачува носење светла и лесна облека од природни материјали, заштита на главата и избегнување алкохол, кофеин и засладени пијалаци. За лицата кои работат на отворено се препорачуваат почести паузи во сенка и редовен внес на вода во текот на денот.

Поврзани содржини