КОНЕЧНИТЕ РЕШЕНИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВЛАДАТА ЌЕ БИДАТ ПОЗНАТИ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА Мицкоски е задоволен од средбите со партнерите
Премиерот Христијан Мицкоски очекува дека најдоцна до 1 јули списокот со новиот владин кабинет ќе се најде пред пратениците во Собранието.
Првата фаза од консултациите меѓу коалициските партнери за претстојната реконструкција на Владата помина во конструктивна атмосфера, а конечните решенија и позиции се очекува да бидат утврдени во првата половина од наредната недела, брифираат од Владата по средбите што премиерот Христијан Мицкоски ги имаше изминатите два дена со коалициските партнери од Вреди и од ЗНАМ.
Од Владата нагласуваат дека процесот не е воден од партиски или персонални интереси, туку неговата примарна цел е дополнително зајакнување на институционалниот капацитет и поефикасна реализација на владината програма.
Во разговорите се потврдени принципите кои премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги соопшти во своето обраќање во Струмица – одговорност и резултати, достапност на функционерите до граѓаните и бескомпромисна посветеност на интересите на народот.
Сите коалициски партнери ја споделуваат определбата Владата да продолжи со засилено темпо во реализацијата на програмските приоритети и реформите.
Од утре следуваат финалните консултации на кои детално ќе се разгледаат и ќе се потврдат конечните кадровски решенија.
Од Владата велат дека сите министри и функционери мора да останат отчетни за својата работа, бидејќи крајната цел е подобар животен стандард, економски развој и исполнување на стратешките цели на државата.
Очекувањата на премиерот Мицкоски се дека најдоцна до 1 јули списокот со новиот владин кабинет ќе се најде пред пратениците во Собранието. Тој рече дека во интерес на процесот нема да коментира конкретни кадровски имиња, а се разгледуваат секакви опции, вклучително и промена на ресори.
Премиерот најави и дека реконструкцијата нема да запре во министерските кабинети, туку во текот на летото ќе продолжи на локално ниво, каде што се скенира работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици.