СЛОБОДНИ СЕ НАД 11.000 МЕСТА Втор уписен рок во средните училишта

На првото пријавување за упис во средните училишта, спроведено преку електронско аплицирање од 12 до 15 јуни се пријавени 15.075 ученици, од кои се запишале 13.397 ученици.

195

Учениците кои во првиот јунски рок не се запишаа во средно образование за учебната 2026/2027 ќе може да аплицираат на второто пријавување, во вторник, 23 јуни. Аплицирањето е електронски по што наредниот ден, на 24 јуни, ќе се доставува потребната документација до училиштата.

Според роковите од Конкурсот на Министерството за образование, ранг-листа со резултати од запишувањето треба да биде објавена на 25 јуни до 12 часот на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет-страница.






Во согласност со конкурсот, предвидено е во училиштата каде што на ранг-листата има поголем број ученици со исти бодови да се организира квалификациско тестирање. За второто пријавување тоа ќе се организира на 29 јуни, а конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени истиот ден на тестирањето, на огласната табла на училиштето и/или на училишната интернет-страница.

Како што претходно информираше МОН, за второто јунско пријавување за упис има слободни места за 11.882 ученици, од кои 7.404 се за настава на македонски јазик, 4.002 слободни места за настава на албански јазик, 456 за турски и 20 за настава на српски јазик.

Според податоците на МОН, на првото пријавување за упис во средните училишта, спроведено преку електронско аплицирање од 12 до 15 јуни се пријавени  15.075 ученици, од кои се запишале 13.397 ученици.

Од вкупниот број запишани, 9.813 ученици се запишани за настава на македонски јазик, 3.357 ученици за настава на албански јазик, 213 за настава на турски и 14 ученици за настава на српски јазик.

Според видот на образованието, во првото пријавување се запишани 3.010 ученици во гимназиско образование за настава на македонски јазик, 1.165 ученици во гимназиско образование за настава на албански јазик, 89 ученици во гимназиско образование за настава на турски и 14 ученици во гимназиско образование за настава на српски јазик.

Во стручно образование за настава на македонски јазик на првото пријавување во јуни се запишани 6.653 ученици, за албански јазик 2.133 ученици, а за настава на турски јазик 124 ученици

Сто и педесет ученици се запишале во уметничко образование (музичка уметност) за настава на македонски јазик, 59 ученици во уметничко образование (музичка уметност) за настава на албански јазик. Ликовната уметност во уметничкото образование е во процес на селекција.

Квалификациско тестирање на првото пријавување во јуни е потребно во секторот здравство и социјална заштита, за квалификацијата фармацевтски техничар на албански наставен јазик во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ во Скопје. Учениците утре, 22 јуни, во училиштето ќе полагаат квалификациски испит по биологија и по хемија, во согласност со наставната програма од осмо и од деветто одделение.

Во некои училишта по првото пријавување нема останати слободни места. МОН соопшти дека конкурсот за запишување ученици во гимназиско образование на македонски наставен јазик е завршен во гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, во скопските гимназии „Георги Димитров“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и „Никола Карев“ и во средните училишта „Методи Митевски Брицо“ – Делчево, Наум Наумовски Борче“ – Пробиштип и „Методи Митевски Брицо“ – Скопје.

МОН објави информација и за стручните училишта каде што конкурсот е завршен и нема да примаат апликации на второто пријавување во јуни.

Поврзани содржини