🎥 „КАКО ДА ЕКСПЛОДИРА БОМБА!“ – СЕ СУДРИЈА ДВА ВОЗА СЕВЕРНО ОД ЛОНДОН Најмалку 50 повредени, се стравува дека загина машиновозач

На видеоснимки објавени на социјалните мрежи може да се види оштетен воз кој е превртен на шините, како и патници кои се наоѓаат на полето покрај него.

156

Најмалку 50 лица се повредени во судир на два патнички воза на железничката линија јужно од Бедфорд, околу 90 километри северно од Лондон, а британските власти стравуваат дека во несреќата загинал и еден машиновозач. Спасувачките служби и натаму се на терен, додека истражителите започнаа увид за причините за една од најсериозните железнички несреќи во Велика Британија во последните години.

Според досегашните информации, несреќата се случила околу 17:15 часот по локално време, на делницата меѓу Бедфорд и Лутон. Во судирот учествувале два воза на компанијата „Ист Мидлендс Реилвеј“, кои сообраќале кон железничката станица „Сент Панкрас“ во Лондон. Едниот воз патувал од Нотингем, а другиот од Корби.






Првичните информации укажуваат дека едниот воз бил запрен на пругата кога вториот удрил во неговиот заден дел. Причините за тоа сè уште не се познати и се предмет на истрага.

На снимките од местото на несреќата се гледаат сериозно оштетени вагони, а очевидци опишуваат сцени на паника веднаш по ударот. Неколку патници за британските медиуми изјавиле дека биле оттурнати од седиштата и дека во вагоните имало чад, искршен инвентар и повредени луѓе.

На местото на несреќата биле испратени десетици екипи на брза помош, пожарникари, полиција и хеликоптери за итна медицинска помош. Болниците во Бедфорд и Лутон активирале планови за прием на голем број повредени, а дел од одделенијата за итна помош привремено побарале граѓаните да не доаѓаат освен во навистина итни случаи.

Британската транспортна полиција потврди дека реагира на сериозен инцидент во областа на Бедфорд, додека Одделот за истрага на железнички несреќи веќе собира докази на терен. Засега нема официјално соопштение за конечниот број на повредени, ниту потврда за евентуални жртви, иако повеќе британски медиуми јавуваат дека постојат сериозни стравувања оти машиновозачот на еден од возовите го загубил животот.

Поради несреќата целосно е прекинат железничкиот сообраќај меѓу Бедфорд и Лутон, како и дел од линиите што го поврзуваат Лондон со централна Англија. Патниците се повикани да ги одложат патувањата додека трае истрагата и расчистувањето на местото на судирот.

Ова е една од најтешките железнички несреќи во Велика Британија во последниот период и се случува на една од најпрометните железнички рути во земјата, која ги поврзува Лондон, Бедфорд, Лестер, Нотингем и Шефилд.

Поврзани содржини