МИЦКОСКИ САКА ПОСВЕТЕНИ, ДОСТАПНИ И ЧЕСНИ МИНИСТРИ И ДИРЕКТОРИ Во рана фаза се разговорите за реконструкција во Владата
Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, коалициските партнери најавуваат дека детално ќе ја информираат јавноста.
Како што беше најавено, денеска и утре се предвидени средби на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери, политичките партии ЗНАМ и Вреди во врска со најавената реконструкција на Владата.
„Со оглед на тоа што разговорите се во рана фаза и станува збор за чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап, во овој момент не би навлегувале во дополнителни детали. Штом бидат постигнати конкретни договори и дефинирани решенија, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана“, соопштуваат од Владата.
Она што во моментов е познато и останува непроменета позиција и јасен принцип на претседателот на Владата, проф д-р Христијан Мицкоски, се пораките кои тој јавно ги упати на одбележувањето на 36-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
Премиерот нагласи дека внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од појавите кај дел од функционерите кои се оддалечуваат од принципите врз кои е формирана Владата.
Тој посочи дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.
Мицкоски јасно порача дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните.
Во своето обраќање тој нагласи дека нема да толерира несовесност, неодговорност и отстапување од принципите врз кои се темели работата на Владата, без разлика на функцијата што некој ја извршува.
Премиерот порача дека не прифаќа оправдувања за неисполнување на обврските и дека секој што не може да одговори на предизвиците треба чесно да го преиспита своето место во тимот.
– Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен – порача Мицкоски.
Основниот критериум во процесот на реконструкција останува ефикасноста, достапноста кон граѓаните, исполнувањето на програмските цели и целосната посветеност на работата во интерес на народот.