ОТКАЖАНА ЦЕРЕМОНИЈАТА ВО ЖЕНЕВА, ДИГИТАЛНИОТ ПОТПИС ФИНАЛЕН? Иран и САД го активираа мировниот меморандум
Во меѓувреме, Белата куќа го доставила текстот на договорот до американскиот Конгрес со наслов „Исламабадски меморандум за разбирање меѓу Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави“. Разговорите во Швајцарија ќе продолжат, но на ниво на работни и технички групи.
Церемонијата за потпишување на меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, која беше закажана за утре во Женева, е откажана бидејќи документот веќе е потпишан по електронски пат и стапил во сила, соопштија дипломатски извори вклучени во процесот.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Ишак Дар изјави дека повеќе нема потреба од свечена церемонија, поради што и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф го откажал патувањето во Швајцарија. Според Дар, следната фаза од процесот ќе се одвива преку одвоени технички разговори за прашањата опфатени со пошироката рамка на договорот, кои ќе бидат фокусирани на имплементацијата и деталното усогласување на одредбите.
Во меѓувреме, Белата куќа го доставила текстот на договорот до американскиот Конгрес. Документот, кој според дипломатски извори е насловен „Исламабадски меморандум за разбирање меѓу Исламската Република Иран и Соединетите Американски Држави“, предвидува прекин на воените операции, постепено укинување на американската поморска блокада врз иранските пристаништа и повторно отворање на Ормутскиот Теснец за слободен комерцијален сообраќај.
Во рок од 60 дена двете страни треба да продолжат со преговори за финален мировен договор кој би ги опфатил сите спорни прашања, вклучително и безбедносните гаранции, санкциите и статусот на нуклеарната програма на Иран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи потврди дека текстот на меморандумот е официјално потпишан од претставници на двете држави, додека американски извори наведуваат дека документот бил финализиран неколку дена порано од првично планираното и бил потпишан по електронски пат.
Според објавените детали од договорот, двете земји се обврзуваат на итен прекин на непријателствата и воздржување од нови воени дејствија. Иран, според истиот текст, потврдува дека нема да развива нуклеарно оружје, додека прашањата за збогатениот ураниум и укинувањето на санкциите ќе бидат предмет на дополнителни преговори во следните два месеца.
Иако свеченото потпишување во Женева е откажано, дипломатски извори наведуваат дека контактите меѓу делегациите ќе продолжат, но во формат на работни и технички состаноци, кои ќе бидат насочени кон имплементација на меморандумот и подготовка на конечен мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран.