И ПОФАЛБИ И КРИТИКИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Македонија останува јасно препознаена како европска држава, посветена на реформите

Во текстот се нагласува и дека билатералните спорови треба да се решаваат преку отворен дијалог, соработка во добра волја и во согласност со меѓународното право, а не да се инструментализираат во процесот на пристапување.

531

И пофалби и критики за исполнувањето на реформите содржи Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот Томас Вајнц, што денеска се гласа во Европскиот парламент.

Во извештајот се реафирмира целосната поддршка за членството на Македонија во Европската Унија, врз основа на јасен, мерлив и фер пристап и се одава признание за посветеноста на државата кон европската интеграција и кон реформскиот процес. Особено значајно е што се нотира дека Македонија е една од земјите со најдолг кандидатски статус и дека повторените одложувања на почетокот на преговорите негативно влијаат врз перцепцијата на граѓаните за европската перспектива.






Извештајот повикува да се зачувува предвидливоста и кредибилитетот на процесот на проширување.

Особено позитивен елемент е формулацијата дека јазичниот, културниот и националниот идентитет се темелни основи на секоја држава и не треба да бидат доведувани во прашање од трети страни. Дополнително, се истакнува и дека ваквите прашања не треба да влијаат врз процесот на пристапување во ЕУ, кој мора да се темели на објективни критериуми, мерит-системот, европските вредности и на Копенхашките критериуми.

Во текстот се нагласува и дека билатералните спорови треба да се решаваат преку отворен дијалог, соработка во добра волја и во согласност со меѓународното право, а не да се инструментализираат во процесот на пристапување.

Извештајот ја поздравува стабилноста на меѓуетничките односи и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, како и напредокот во подготовката на патоказите за јавна администрација и владеење на правото како дел од отворањето на кластерот „Фундаментални вредности“ од преговарачката рамка. Позитивно се нотираат и умерениот напредок во реформата на јавната администрација и дигиталната трансформација, вклучително и законодавството за електронска идентификација.

Дополнително, се поздравуваат првите чекори во спроведувањето на Реформската агенда и Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, интеграцијата на Македонија во географскиот опфат на СЕПА, како и предлогот за проширување на режимот „роаминг како дома“ кон земјите од Западен Балкан.

Во делот на регионалната соработка и надворешната политика, извештајот ја поздравува значајната улога на Македонија во регионалната стабилност, Берлинскиот процес, Заедничкиот регионален пазар и Планот за раст. Се истакнува и силното и долгогодишно усогласување со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, геостратешкото значење на Македонија како членка на НАТО, како и подготвеноста за продлабочување на соработката со ЕУ преку Безбедносното и одбранбено партнерство.

 

Извештајот испраќа важна политичка порака дека Македонија останува јасно препознаена како европска држава, посветена на реформите, регионалната стабилност и стратешкото партнерство со ЕУ и НАТО. Истовремено, документот ја потенцира потребата процесот на пристапување да биде предвидлив, кредибилен, фер и заснован на заслуги.

Од друга страна, извештајот на Европскиот парламент предупредува на сериозни слабости во владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството. Европратениците нотираат дека измените на Кривичниот законик создаваат перцепција на неказнивост за високата корупција. Извештајот алармира за координирани обиди за манипулација на јавниот дискурс и ширење на анти‑европски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор. Европратениците предупредуваат дека ваквите процеси ја поларизираат јавноста, ја ослабнуваат институционалната кредибилност и го доведуваат во прашање европскиот курс на државата. Во истиот контекст, се забележуваат и растечки геополитички влијанија од трети земји, што дополнително ја усложнува реформската и безбедносната слика.

Критики има и во делот на човековите права, за состојбата со лицата со попреченост и ЛГБТИК+ заедницата, како и за недоволниот напредок во заштитата на животната средина, особено во борбата против загадувањето на воздухот.

Известувачот Томас Вајц во објаснувачка изјава кон Извештајот вели дека има позитивни реформски чекори, но напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ – особено во клучните области како што се владеењето на правото, реформата на правосудството и борбата против корупцијата – е недоволен.

„Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостатокот од континуирана политичка посветеност“, пишува Вајц во изјавата.

На пленарната седница вчера, кога беа разгледани извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Црна Гора известувачот Вајц рече дека Македонија има потенцијал да биде меѓу водечките кандидати во процесот на пристапување кон Европската Унија.

– Да, можеме да кажеме дека земјата не ги спроведе реформите што е можно побрзо, но исто така мора да признаеме дека и ние во Европската Унија дадовме ветувања што не ги исполнивме – истакна Вајц.

Според него, Македонија и другите земји од регионот покажуваат подготвеност за спроведување на потребните реформи, а Европската Унија треба да ја одржи нивната мотивација преку конкретни придобивки уште пред полноправното членство.

Вајц нагласи дека идното проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе донесе значајни безбедносни и економски придобивки за ЕУ, оценувајќи дека по Црна Гора и Албанија, Македонија би можела да биде следната земја што ќе се приклучи на европското семејство.

Поврзани содржини