🎥 ЗОШТО ТОКМУ СЕУТА? Како едно мало шпанско парче Африка стана една од најважните порти за миграција кон Европа

Иако географски е во Африка, Сеута политички и административно таа е дел од Шпанија и Европската Унија.

157

Новиот бран мигранти што деновиве ја преплави Сеута повторно го насочи вниманието кон едно од најнеобичните места на светската карта. Илјадници луѓе од Мароко се обидоа да влезат во шпанската енклава, која воедно е и територија на Европската Унија. За многумина тоа е најкраткиот пат од Африка до Европа – премин долг само неколку километри.

Сеута се наоѓа на северниот брег на Африка, веднаш спроти Гибралтарскиот Теснец. Иако географски е во Африка, политички и административно таа е дел од Шпанија и Европската Унија. Заедно со Мелиља, претставува единствената копнена граница меѓу Африка и ЕУ, поради што со децении е една од најпосакуваните дестинации за мигрантите.






Историјата на Сеута е многу постара од современите миграциски кризи. Населбата постоела уште во времето на Феникијците, а потоа била дел од Картагина, Римската Империја, Византија и различни арапски и берберски држави. Благодарение на својата положба на влезот во Средоземното Море, градот отсекогаш бил важна воена и трговска точка.

Пресвртот дошол во 1415 година, кога Португалија ја освоила Сеута. Тоа било првото големо европско освојување на северноафриканскиот брег и почеток на португалската прекуморска експанзија. Кога Португалија и Шпанија биле под иста круна, Сеута постепено се врзала за Шпанија, а по обновувањето на португалската независност во XVII век, жителите решиле да останат под шпанска власт. Подоцна тоа било потврдено и со меѓудржавни договори.

Современата граница меѓу Сеута и Мароко е оформена во XIX век, по Шпанско-мароканската војна од 1859–1860 година. Денешната линија е долга околу 8 километри и е една од најобезбедуваните копнени граници во светот. Мароко никогаш не се откажал од своето барање Сеута да биде вратена под негов суверенитет, додека Мадрид инсистира дека станува збор за неотуѓив дел од шпанската држава.

Токму поради тој статус, секој што ќе успее да влезе во Сеута практично стапнува на територија на Европската Унија. За мигрантите од Мароко, но и за луѓето од земјите јужно од Сахара, ова изгледа како најдиректниот пат кон Европа. Некои се обидуваат да ја прескокнат високата ограда, други ја заобиколуваат пливајќи околу морските браници, ризикувајќи ги своите животи.

Покрај миграцијата, Сеута има и големо економско значење. Илјадници жители на пограничните марокански градови секојдневно ја минуваат границата за работа, трговија и услуги. Со години таму функционираше специфична прекугранична економија, која дополнително ја зголеми зависноста меѓу двете страни на границата.

Затоа Сеута не е само локален граничен премин, туку симбол на сложениот однос меѓу Европа и Африка. Во неа се преплетуваат повеќе од две илјади години историја, колонијално наследство, територијални спорови, економски интереси и современи миграциски предизвици. Секој нов бран мигранти потсетува дека ова мало шпанско парче земја во Африка останува една од најчувствителните точки на европската граница.

Поврзани содржини