ПО ДОГОВОРОТ СО ИРАН, ТРАМП СЕ НАСОЧУВА КОН УКРАИНА Американскиот претседател најави нова мировна иницијатива

Американскиот претседател изјави дека по напредокот околу договорот со Иран, ќе се обиде да придонесе за прекин на војната меѓу Украина и Русија, тврдејќи дека и Зеленски и Путин покажале подготвеност за разговори.

103

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека по напредокот во напорите за завршување на конфликтот со Иран, неговиот следен приоритет ќе биде изнаоѓање решение за војната во Украина.

Говорејќи на самитот на Г7 во француското одморалиште Евијан-ле-Бен, Трамп изјави дека неодамна разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со рускиот претседател Владимир Путин и дека гледа простор за нова дипломатска иницијатива.






– Вчера имавме многу добар разговор со претседателот Володимир Зеленски и со претседателот Владимир Путин и мислам дека на тоа поле можеби можеме нешто да направиме. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за таква можност – изјави Трамп.

Американскиот лидер посочи дека покрај Украина, ќе се обиде да придонесе и за запирање на конфликтот во Либан, откако ќе бидат финализирани договорите поврзани со Иран.

Во рамки на самитот на Г7, Трамп треба да има и работна средба со украинскиот претседател Зеленски. Според оценките на аналитичарите, позицијата на украинскиот лидер е подобрена во однос на минатата година, кога Трамп тврдеше дека Киев „нема адути во рацете“.

Во меѓувреме, Зеленски изјави дека му предложил на Путин директна средба за време на самитот на Г7, со цел да се разговара за завршување на војната што трае повеќе од четири години, но рускиот лидер, како што рече, не бил подготвен за таков чекор.

Сепак, останува неизвесно дали Украина ќе успее да обезбеди дополнителна американска воена и финансиска поддршка, со оглед на тоа што администрацијата на Трамп во моментов е насочена кон финализирање на договорот поврзан со Иран.

Покрај безбедносните прашања, лидерите на Г7 на самитот што трае од 15 до 17 јуни разговараат и за глобалните економски предизвици, намалувањето на зависноста од кинеските критични минерали и развојот на вештачката интелигенција.

Поврзани содржини