ОСУМ ГОДИНИ НЕ НАПЛАЌАЛ ДАНОК НА ИМОТ Екс-градоначалник во Дебрца ја оштетил општината за над 7.000 евра

Поранешен градоначалник на Општина Дебрца е осомничен дека во период од 8 години не ги евидентирал сите сопственици и корисници на имот што требало да плаќаат данок. Според полицијата, со тоа општината била оштетена за повеќе од 7.000 евра.

169

Осум години не биле утврдувани сите даночни обврзници за данок на имот во Општина Дебрца, поради што СВР Охрид поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник.

Пријавата е поднесена против З.Н. (60) од селото Волино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.






Според полицијата, во периодот од 2017 до 2025 година, додека ја извршувал функцијата градоначалник на Општина Дебрца, осомничениот не извршил соодветен надзор при утврдувањето на правните и физичките лица кои биле сопственици, корисници или носители на право на располагање со недвижен имот на територијата на општината.

Од СВР Охрид наведуваат дека поради пропуштање на должен надзор не биле утврдени сите лица кои подлежеле на обврска за плаќање данок на имот, ниту било спроведено нивно реоданочување.

Според сомнежите, со ваквото постапување дел од даночните обврзници останале надвор од системот за наплата на данок на имот.

Полицијата соопшти дека со ваквите дејствија била предизвикана штета на Општина Дебрца во износ од 431.245 денари.

Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошното постапување.

Кривичната пријава се темели на сомнежи за злоупотреба на службената положба, а евентуалната одговорност ќе биде предмет на натамошна постапка пред надлежните институции, велат од МВР.

Поврзани содржини