Национален идентитет и меѓуетничка коегзистенција – помеѓу историското наследство и демократските предизвици

Сфаќањето на меѓуетничките односи како културен и цивилизациски натпревар, а не како конфликт за политичка или етничка доминација, претставува еден од основните предуслови за градење демократски и стабилни општества. Националниот идентитет не е средство за надмоќ, туку инструмент за саморазвој и за градење праведни односи со соседите. Суштинското прашање е: можеме ли да се вратиме кон идеалите на Фрашери и Делчев? Достоинството на еден народ не се гради со негирање на другиот, туку со развој на сопствените вредности во праведни меѓусебни односи со сограѓаните.

88

Стабилизацијата на мултиетничките општества останува постојана задача на државните институции, организациите на граѓанското општество и самите граѓани. Успехот зависи од способноста да се хармонизира институционалната организација на државата со социјалните, етничките, регионалните и другите реални општествени состојби. Во спротивно, државата останува фрагментирана и кревка, изложена на политички кризи, економска стагнација, ерозија на социјалниот капитал и меѓуетнички тензии, кои стануваат речиси неизбежни кога институциите не успеваат да одговорат на легитимните очекувања на граѓаните за безбедност, еднаквост и благосостојба.

Балканските земји, историски етнички разновидни, следеа различни патишта за постигнување политичка и општествена стабилност. Во некои случаи тоа се постигна преку дијалог и компромис, а во други преку насилни конфликти што трагично кулминираа со сериозни злосторства против човештвото. Овие искуства покажуваат дека долгорочната стабилност не може да се гради врз доминација, туку врз прифаќање на различноста како вредност и општествена придобивка.






Случувањата во Северна Македонија беа предмет на внимание и континуиран ангажман на меѓународната заедница. Напорите на меѓународните партнери, заедно со посветеноста на локалните институции и граѓаните, помогнаа да се изгради модел на коегзистенција насочен кон политичка стабилност, економски развој и благосостојба на сите граѓани, без оглед на етничка припадност, религија или социјален статус.

Сепак, последните години, обележани со политичка и етничка поларизација и промени во владејачките конфигурации и политики, создадоа тензии што ризикуваат да ги намалат досегашните достигнувања. Овие трендови бараат ново политичко и општествено преиспитување на вредностите што треба да го водат демократскиот развој на земјата.

Во оваа смисла, значајно е да се потсетиме на мислите на Сами Фрашери и Гоце Делчев. За Фрашери, националниот идентитет беше механизам на културна и цивилизациска еманципација, а не средство за исклучување. Тој веруваше дека развојот на јазикот, образованието и културата е предуслов за слободата и напредокот на еден народ. Делчев, пак, беше убеден дека еманципацијата не може да се гради врз омраза, туку врз културен развој и заемно почитување. Неговата позната изрека „Јас го разбирам светот како културен натпревар меѓу народите“ и денес е силна политичка и етичка порака.

Во суштина, мислата на двајцата се среќава во отфрлањето на доминацијата и афирмацијата на коегзистенцијата преку култура, знаење и цивилизациски развој. Тие го замислуваа Балканот како регион каде народите живеат со достоинство, зачувувајќи го својот идентитет и градејќи мостови на соработка, визија што се совпаѓа со европскиот проект на единство во различноста.

Историјата на регионот познава периоди на солидарност и соработка, но и ривалства и конфликти. По Втората светска војна, социјалистичкта федерација промовираше нови форми на соживот, но нивното распаѓање на крајот од 20 век ги врати етноцентричните тенденции и старите ривалства што и денес влијаат врз меѓуетничките односи.

Во овој контекст, Северна Македонија со историски разновидна етничка и културна структура, и прилегаше изградба на граѓанска и инклузивна држава. Сепак, и по независноста, државниот идентитет се перцепираше главно низ призмата на етничкото мнозинство, создавајќи чувства на исклученост и недоверба кај другите заедници, особено кај Албанците. Наместо да се потпира на историскиото искуство, често се репродуцираа модели што поттикнуваа поделби и тензии, што ја ослабна социјалната кохезија и го попречи консолидирањето на демократската култура.

Денес, кога Балканот се соочува со нови геополитички и економски предизвици, станува јасно дека општества без меѓусебна доверба и почит и со инклузивни институции ризикуваат да останат заробени во кризи. Напротив, оние што инвестираат во дијалог, еднаквост и почитување на различноста создаваат темели за стабилност, развој и европска интеграција.

Затоа, суштинското прашање е: можеме ли да се вратиме кон идеалите на Фрашери и Делчев? Достоинството на еден народ не се гради со негирање на другиот, туку со развој на сопствените вредности во праведни меѓусебни односи со сограѓаните.

Ако искрено ја прифатиме пораката на Делчев дека светот е „културен натпревар меѓу народите“, тогаш задачата на политичките, академските и културните елити е да ја пренасочат конкуренцијата од идентитетски конфликти кон економски, образовен и демократски развој. Тоа би било и највисоката форма на почит кон наследството на Фрашери, кој веруваше дека знаењето и културата се темели на слободата и напредокот.

Само преку изградба на праведна држава, со вистинска еднаквост, функционални институции и култура на дијалог, може да се оствари хуманистичката визија на овие две големи балкански личности. Ова не е само морален идеал, туку политичка и историска неопходност за мир, стабилност и европска иднина на регионот.

 

 

Поврзани содржини