И ВО ЈУНСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЌЕ БИДЕМЕ ПРВИ ВО РЕФОРМИТЕ Нема дополнителни пари за правосудството без видливи резултати

Сега се бараат дополнителни зголемувања на примањата. Дополнителни зголемувања без јасни резултати нема, па дури и по цена да пропадне тој чекор. И ова јасно ќе му го кажам на господинот Герт-Јан Копман на следниот состанок - рече премиерот Мицкоски.

77

Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде фронт-ранер, додека во однос на испораката на правда очекува побрза и поробусна испорака на правда од таа претходно, затоа што и граѓаните не се задоволни од спора правда и затоа дополнителни примања нема да има без јасни резултати – рече премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања во четвртокот.

– Се разбира дека не само јас и граѓаните, сите ќе се сложиме дека е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Поврзано со испораката на правдата очекувам во периодот кој следи побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано. Имаме отприлика 120-130 ревизорски извештаи на институции доставени до обвинителството, барем ревизорите велат дека констатирале многу незаконитости, очекувам барем врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и испорача правда – изјави Мицкоски.






Премиерот посочи дека Владата прави сè за обвинителството и судовите да добијат услови за работа за да ја испорачаат правдата и за да работат попродуктивно, односно дека се донесе Законот за Судски совет, Законот за ЈО е во Собрание, службениците во судовите и обвинителствата ќе добијат 40% зголемени плати, 200 нови вработувања. Ќе се почитува одлуката на Уставен суд да се вратат платите на судиите од 2025 година, но дека нема да има дополнителни зголемувања без јасни резултати.

– Конкретно, сега имаме еден камен на сопнување, каде што треба да се регулираат, повторно сè се сведува околу платите на судиите и обвинителите. Тој е оној камен на сопнување за кој ние во Реформската агенда сега разговараме. Сега се бараат дополнителни зголемувања на примањата. Дополнителни зголемувања без јасни резултати нема, па дури и по цена да пропадне тој чекор, бидејќи со ова што ние направивме, како влада, што го овозможивме, е континуиран раст на платите на вработените во судовите. И ова јасно на следниот состанок на господинот Герт-Јан Копман ќе му го кажам. Се бараше зголемување, се овозможи зголемување, се бараше измена во закон, се овозможи измена во закон, се бараше зголемување на бројот на вработените службеници, се овозможија 200 нови вработувања… Но, континуирано ние да овозможуваме средства за зголемување на буџетите и платите без притоа да има никакви резултати, т.е. резултати кои не враќаат назад, тоа како влада нема да го дозволиме – нагласи премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека и да не успее овој чекор, ние и во јунскиот извештај ќе бидеме подобри од самопрогласените фронт-ранери, исто како што бевме во декемврискиот извгештај.

– И така ќе бидеме до крај и ќе го изолираме ова за кое денеска води кампања опозицијата – за промена на Устав, сè друго ќе работиме и ќе испорачаме. Ставот е кажан, цврст и непроменет во однос на тоа прашање – рече Мицкоски од собраниската говорница.

Поврзани содржини