И ВИНАРИИТЕ ЌЕ ДОБИВААТ ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ИНВЕСТИЦИИ Аплицирањето за поддршката е до 15 јуни
Винариите досега беа исклучени со стариот Закон како акцизна стока, меѓутоа акцизата е 0 проценти.
До 15 јуни производителите на вино можат да аплицираат за финансиска поддршка на инвестициите. Ова го овозможуваат законските измени кои вчера стапија во сила, а денеска беа промовирани пред претставниците на винариите. Лимитот на поддршката е до еден милион евра во наредните 5 години.
– Ова е историски ден за Македонија, бидејќи прв пат откако постои Законот за финансиска поддршка на инвестициите, производителите на вино во рефус или винариите имаат можност да аплицираат и да користат финансиска помош од страна на државата. Тие досега беа исклучени со стариот Закон како акцизна стока, меѓутоа акцизата е 0%. Имајќи предвид дека производството на вино е стратешка култура и бренд на Македонија надвор од земјава и секаде на светските пазари, Владата и премиерот оценија дека би било добро државата да придонесе со ваква финансиска поддршка, да ги поддржиме винските компании во Македонија да произведуваат подобро, поквалитетно и поконкурентно вино за домашниот и светскиот пазар – изјави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Со измените, рече Ристески, покрај тоа што се опфатени винариите, продолжен е и рокот за аплицирање.
– Ова е сторено во интерес на винариите и сите производни капацитети во Македонија кои треба да ги искористат финансиските средства предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Досега рокот беше до 31 мај, но со измените е продолжен до 15 јуни. Значи, ќе можат да аплицираат до 15 јуни – рече Ристески.
Тој ги повика сите компании производители на вино во Македонија, да аплицираат за помошта.
Директорката на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска – Јеленковиќ рече дека и покрај максималните напори за промоција на македонското вино, неопходна е вистинска поддршка за винариите.
– Се обидуваме да го промовираме македонското вино во светот преку организација на различни настани, саеми, Светскиот ден на вранецот,…, носиме новинари тука, го промовираме македонското вино. Но, секогаш ни недостигаше некоја вистинска поддршка на винариите – поддршка да инвестираат, да се развиваат, да воведуваат стандарди. По неколку години, можам да кажам и преговори, лобирање и обиди некоја од владите претходно да го разбере овој проблем, конечно успеавме заедно со Министерството за економија да го промениме Законот за стратешки инвестиции кој, за жал, ги обесправуваше винариите. Не можеа да ги искористат овие средства и да вложуваат во развојот. Вчера во Службен весник излезе таа измена. Се надевам дека винариите во следниот период ќе се охрабрат и ќе инвестираат во своите производни капацитети – рече Младеновска – Јеленковиќ.