ПРОМЕНИ НА ПАТАРИНИТЕ ОД 15 ЈУНИ Се менува користењето на MTAG лентите
Од 15 јуни плаќањето со „MCard“ повеќе нема да биде возможно на лентите означени за „MTAG“, информира ЈПДП.
Од 15 јуни, лентите означени за „MTAG“ на патарините ќе можат да ги користат исклучиво возачи со електронски тагови, информира Јавно претпријатие за државни патишта.
Со новите измени во системот за наплата, плаќањето со „MCard“ на „MTAG“ лентите ќе биде укинато. Корисниците кои користат „MCard“ наплатата ќе ја вршат на останатите ленти на патарините, согласно со нивната намена.
Од ЈПДП апелираат возачите строго да ја почитуваат вертикалната и хоризонталната сигнализација, како и информативните електронски табли поставени пред и на самите наплатни станици, каде јасно е означено кои ленти се за електронска наплата (MTAG/MCard), а кои за готовинско плаќање.
Воедно, од претпријатието потсетуваат дека зелената стрелка означува активна, односно отворена лента, додека црвениот икс (X) означува затворена лента.
„Непочитувањето на означувањето и намената на лентите може да предизвика застои во сообраќајот и да влијае врз безбедноста и ефикасноста на сообраќајот“, соопштија од ЈПДП.