ЗНАМ БАРА ИТНИ И РЕДОВНИ ИНСПЕКЦИИ НА СИТЕ ГРАДИЛИШТА ВО ЦЕНТАР Општината не е приватна фирма за исполнување желби на инвеститори

Советничката група на ЗНАМ бара во рок од еден месец да се изврпат инспекциски надзори на сите активни градилишта на територијата на Центар, за што ќе поднесат иницијатова на следната седница на Советот на Општината.

12

Откако вчера се скрши стомната во срцето на општина Центар, откако пропадна тротоар и падна бандера врз автомобил, видовме како градоначалникот Горан Герасимовски истрча на терен, глуми загриженост и експресно изрекува казни, соопшти партијата ЗНАМ.

Како народна изрека вели: откако ќе се скрши стомната, ќе стоиме покрај неа и ќе пишуваме казни. Е па, тогаш ќе поднесете сметка за штетата, но ќе биде доцна, се додава во соопштението.






„Додека градоначалникот си ги исплаќа долговите од изборната кампања и штанца градежни дозволи како на индустриска лента за производство на чоколадо – со што неговиот живот е добро заблажен – безбедноста на граѓаните на Центар му е во втор план. Неговите инспекции се исклучиво задоцнети реакции за гасење пожар и за дефокусирање на јавноста. Не треба да се случи несреќа за општината конечно да се сети дека треба да изрекува казни“, соопшти ЗНАМ.

Она што гласно го зборувавме во предизборната кампања, се додава во соопштението, дека Општина Центар под раководство на Герасимовски агресивно и небезбедно се бетонизира, продолжува и бескрупулозно се исполнува под негова палка.

„Гледаме како на Водно граѓаните со денови протестираат бидејќи населбата им стана небезбедна за живеење. Гледаме како пропаѓаат тротоари поради необезбедени градилишта. Продолжуваме да ја гледаме општината заглавена во смет и во хаос, а Герасимовски сега го нема со ракавиците да излезе и да им помага на хигиеничарите. Како граѓани, со право се прашуваме: што е следното што треба да ни се случи? Дали треба некој да настрада за општината да сфати дека инспекциите треба да работат секојдневно, а не само за пи-ар пред камерите“, прашува партијата.

„Медениот период“ за градоначалникот заврши, додава ЗНАМ.

„Од денеска неговата работа е под строга лупа. Општина Центар не е приватна фирма за исполнување желби на инвеститори, туку општина на граѓаните! Наместо инцидентни и задоцнети контроли за смирување на јавноста, потребен е систем. Затоа, како советничка група на Движењето ЗНАМ бараме веднаш да се почне со редовни, но и вонредни инспекциски надзори на сите активни градилишта на територијата на Центар во рок од еден месец, за да се утврдат пропустите пред да настане нова катастрофа. Бараме сите овие извештаи да бидат јавно и транспарентно објавени на веб-страницата на општината“, бара ЗНАМ.

За ова наше барање, со кое ќе се воведе систем на постојана контрола, а не ад-хок пи-ар акции, уште на следната седница на Советот ќе поднесеме официјална иницијатива, најави партијата.

„Ги повикуваме сите советници, без разлика на партиската припадност, да ја поддржат, бидејќи безбедноста нема партиска книшка. Центарци заслужуваат да се чувствуваат безбедно во своите домови и на своите улици секој ден, а не само откако медиумите ќе објават скандал“, соопшти ЗНАМ.

 

Поврзани содржини