EВРОПСКИ МИЛИОНИ ЕВРА ЗАВРШИЛЕ КАЈ ИЗМАМНИЦИ Грчката полиција разбива мрежа за лажни земјоделски субвенции

Грчката полиција втор ден по ред спроведува големи акции против криминални групи осомничени за измами со европски земјоделски фондови.

0

Во голема полициска акција што од рано утрово се спроведува во Солун, Серес и Атина, уапсени се 17 лица осомничени за измами поврзани со европските земјоделски субвенции, соопшти грчката полиција. Според првичните информации, тие незаконски присвоиле повеќе од 4,5 милиони евра.

Ова е втора голема полициска операција во Грција во последните 24 часа насочена кон разбивање криминални мрежи вмешани во измами на штета на финансиските интереси на Европската Унија. Вчера, во одделна акција на островот Крит, беа уапсени 22 лица осомничени дека преку лажни пријави незаконски добивале земјоделски субвенции.






Денешната акција ја спроведува Дирекцијата за борба против организиран криминал во северна Грција, а повеќе детали се очекуваат по нејзиното завршување.

Во врска со вчерашната операција на Крит, грчката полиција соопшти дека членовите на криминалната група „континуирано и организирано вршеле измами на штета на финансиските интереси на Европската Унија и националната економија преку лажни пријави за добивање земјоделски субвенции“.

Освен 22-цата уапсени, во истрагата се опфатени уште 116 лица.

Според процените на истражните органи, штетата што групата ја предизвикала во периодот од 2019 до 2024 година изнесува најмалку 2,7 милиони евра, без да се пресметаат субвенциите исплатени во 2025 година.

Поврзани содржини