МАКЕДОНИЈА СО НАЈСИЛНА РЕФОРМСКА АГЕНДА ЗА ЕУ Од Брисел стасаа фалби, а ќе стасаат и 65,7 милиони евра

Во време кога земјите аспиранти се заложници на билатерални спорови, Европската комисија индиректно порачува дека реформскиот капацитет на Македонија не е спорен. Од новиот пакет финансиска поддршка во рамките на Планот за раст за Западен Балкан тежок вкупно 158,9 милиони евра, нашата земја ќе добие најмногу.

288

Европската комисија испрати една од најпозитивните пораки за Македонија во последните години, оценувајќи дека земјата покажува сериозен напредок во спроведувањето на реформите поврзани со европскиот План за раст за Западен Балкан. Во документот објавен од Брисел, Македонија практично е издвоена како еден од најподготвените партнери во регионот кога станува збор за исполнување на реформските обврски и користење на европските фондови.

Станува збор за механизмот „Reform and Growth Facility”, тежок 6 милијарди евра, преку кој Европската Унија сака да го забрза економското приближување на Западен Балкан кон европскиот пазар. За разлика од претходните инструменти, овој механизам е строго условен: парите се исплаќаат само ако државите навистина ги реализираат реформите што ги ветиле.






Токму тука Македонија добива високи оценки, бидејќи според анализите на Европската комисија, македонската реформска агенда е меѓу најструктурираните и најконкретните во регионот.

Одобрен нов пакет финансиска поддршка

Дополнителна тежина на позитивните оценки им дава и фактот што Европската комисија деновиве одобри нов пакет финансиска поддршка во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, при што Македонија се најде меѓу трите држави што успешно ги исполниле условите за нова исплата.

Станува збор за пакет вреден 158,9 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора, што Брисел го толкува како доказ дека овие земји покажуваат конкретен напредок во реализацијата на реформските обврски.

Од овие пари, 65,7 милиони евра се наменети за Македонија, при што 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени во државниот буџет, додека останатите фондови ќе бидат достапни за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

За споредба, Албанија ќе добие 49 милиони евра, додека Црна Гора 44,2 милиони евра.

За Македонија, ова е уште еден сигнал дека европските институции ја сметаат за една од поуспешните држави во регионот кога станува збор за техничката и институционалната подготовка на реформите.

38 клучни реформи и 136 конкретни мерки

Во Брисел посебно се нагласува дека реформската агенда на Македонија опфаќа 37 клучни реформи и 136 конкретни мерки, распоредени во области како владеење на правото, јавна администрација, енергетска транзиција, дигитализација, борба против корупцијата и развој на приватниот сектор. Европската комисија уште минатата година официјално ја одобри македонската програма, што ѝ отвори пристап на земјата до стотици милиони евра европски средства.

Особено значајно е што Македонија беше меѓу првите држави од Западен Балкан што почнаа да добиваат средства од новиот европски инструмент. Според податоците поврзани со имплементацијата на Планот за раст, земјата може да добие околу 750 милиони евра до 2027 година, а првите исплати веќе се реализирани.

Успешна подготовка, мерливи резултати

Во европските анализи се забележува дека македонските институции покажале поголема подготвеност од дел од соседните држави кога станува збор за техничката подготовка на реформите.

Тоа е важно бидејќи во Брисел сè повеќе доминира ставот дека проширувањето нема да се води само од политички ветувања, туку од конкретни резултати и мерливи реформи.

Практично, Европската комисија испраќа сигнал дека Македонија може да стане пример за тоа како една кандидатска држава може да напредува дури и во сложена политичка атмосфера.

Но, документот носи и предупредување. Европската комисија јасно наведува дека целиот механизам е „performance-based”, односно дека секое доцнење или блокада на реформите може да доведе до замрзнување или губење на европските пари.

Брисел веќе предупреди дека дел од државите од регионот ризикуваат да изгубат стотици милиони евра ако реформите не се реализираат навреме.

Повеќе од дипломатски комплимент

За Македонија, ова отвора и една поширока политичка димензија. Во период кога европските интеграции често се заложници на билатерални спорови и блокади, Брисел очигледно сака да ја награди техничката и институционалната подготвеност на државите што реално работат на реформите.

Со други зборови, Европската комисија индиректно порачува дека реформскиот капацитет на Македонија не е спорен.

Во исто време, реформската агенда е тесно поврзана и со економскиот интерес на граѓаните. Планот за раст има амбиција постепено да ги интегрира државите од Западен Балкан во делови од европскиот единствен пазар уште пред формалното членство.

Тоа подразбира побрзи плаќања, полесна трговија, подобра транспортна интеграција, дигитален пазар и постепено отворање на европските економски механизми за регионот.

Токму затоа позитивните оценки за Македонија имаат поголема тежина од класичен дипломатски комплимент. Тие се индикатор дека земјата во моментов е перцепирана како еден од посериозните кандидати во рамките на новата европска стратегија за Западен Балкан.

А во услови кога ЕУ бара успешни приказни од регионот, Македонија очигледно се обидува да се позиционира токму како таков пример.

Поврзани содржини