СЕ МЕНУВА ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ Градскиот воз стартува од 1 септември, брзина до 90 км/ч

Првата линија од проектот ќе стартува од 1 септември и ќе ги поврзе Зелениково, Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар, со цел побрз и поеколошки јавен превоз.

0

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека проектот „Градски воз“ ќе донесе значајна промена во начинот на кој граѓаните од периферијата ќе патуваат кон центарот на Скопје, најавувајќи побрз, поеколошки и поефикасен јавен превоз.

Според него, првата линија, чија изградба треба да започне од 1 септември, ќе ги поврзе Зелениково, Драчево, Лисиче и Аеродром со Транспортниот центар и ќе претставува вистинска алтернатива на сегашниот сообраќаен метеж.






– Тоа ќе значи нов еколошки транспорт за голем дел граѓани коишто имаат дневна рутина да се движат кон центарот на градот на потегот од Зелениково преку Драчево, Лисиче, Аеродром до Транспортен центар. Во зимските месеци, кога загадувањето е сериозен проблем, со овој проект ќе обезбедиме побрз и почист превоз за голем број наши сограѓани. На реконструираната и електрифицирана пруга ќе се патува со брзина од 80 до 90 километри на час, наместо досегашните 20 до 30 – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека паралелно се работи и на проширување на системот со уште две делници.

– Работиме и на другите две делници, од Ѓорче една, а другата од Илинден. Очекуваме целиот проект да биде заокружен во периодот 2027–2028 година. Ова ќе биде сериозна алтернатива за превоз на граѓаните што секојдневно патуваат од периферијата кон центарот на Скопје – рече премиерот.

Проектот „Градски воз“ се најавува како едно од клучните решенија за намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето во главниот град, со фокус на модернизација на железничката инфраструктура и подобра поврзаност на урбаните и приградските делови.

Поврзани содржини