РАПИДНО СЕ НАМАЛУВААТ РЕЗЕРВИТЕ НА НАФТА Критично ќе биде летово кога цените на нафтата ќе растат за да се намали потрошувачката
Залихите ќе се приближат до рекордно ниско ниво од 7,6 милијарди барели до крајот на мај, доколку побарувачката остане непроменета од месец во месец, изјавија аналитичарите на UBS
Глобалните залихи на нафта се намалуваат со рекордно темпо за да ги покријат големите прекини во снабдувањето од Блискиот Исток и ќе се приближат до критични нивоа освен, ако Ормускиот теснец не се отвори повторно.
Меѓународната агенција за енергија во својот месечен извештај предупреди дека повисоките цени на нафтата и горивата веројатно ќе претходат на врвот на побарувачката ова лето.
Брзото намалување на резервите во услови на континуирани нарушувања може да најави идни скокови на цените“, соопшти MEA.
– Пазарот на нафта не го почувствува целосното влијание на загубата на снабдување благодарение на комерцијалните залихи што ги држи индустријата, стратешките резерви контролирани од владите и танкерите во транзит – изјави главниот извршен директор на Exxon Mobil, Дарен Вудс.
Според него, овие акции го ублажија влијанието на нарушувањата во март и април. Но, додаде тој, комерцијалните залихи на крајот ќе паднат на нивоа каде што повеќе нема да можат да служат како извор на снабдување.
– Очекуваме дека како што тоа ќе се случи и сè додека теснецот остане затворен, ќе продолжиме да гледаме зголемување на цените на пазарот – рече Вудс.
Залихите беа близу до 10-годишен максимум од нешто над 8 милијарди барели на крајот на февруари, соопшти швајцарската банка UBS во извештајот објавен во вторник.
– До крајот на април, залихите паднаа на 7,8 милијарди барели, изјавија аналитичарите на UBS.
Тие очекуваат залихите да се приближат до рекордно ниско ниво од 7,6 милијарди барели до крајот на месецов, доколку побарувачката остане непроменета од месец во месец.
-Падот на залихите на тоа ниво би го оптоварил синџирот на снабдување. Милијарди барели на залиха можеби звучат многу, но реалноста е дека само околу 800 милиони барели се достапни без оптоварување на системот- изјавија претходно и аналитичарите на JP Morgan.
Според нив, остатокот е потребен за да се одржат цевководите и резервоарите полни на минимално ниво за да се одржи ефикасно работењето на синџирот на снабдување.
– Како крвниот притисок во човечкото тело, проблемот е циркулацијата. Системот не откажува затоа што нафтата снемува, туку затоа што мрежата за циркулација повеќе нема доволен работен волумен -вели Наташа Канева, раководител на глобалната стратегија за стоки во JPMorgan.
Според нивната прогноза, залихите на нафта би паднале на критично ниски 6,8 милијарди барели до септември доколку Ормус остане затворен во тој период.
Rapidan Energy,пак, прогнозира дека залихите на нафтените производи би достигнале критични нивоа порано, во јули или август.
Но, аналитичарите се надеваат дека веројатно нема да се достигне критичните ниски нивоа. Наместо тоа, цените на нафтата и стоките ќе се зголемат за да се намали побарувачката, предизвикувајќи „сериозна економска контракција“.
Тоа веројатно ќе се случи пред третиот квартал од 2026 година.