ПЛАЧКО, ПЛАЧКО, АМА ПОЛНИ САЛИ Новата регионална музичка ѕвезда продолжува со многубројни концерти и емотивни настапи
Откако пред еден месец се расплака на концертот во Скопје, 20-годишниот Јаков Јозиновиќ се расплакал и на крајот од својот десетти концерт во Сава центар во Белград, пред уште една преполна сала
По јубилејниот десетти концерт во белградскиот Сава центар, Јаков Јозиновиќ беше целосно преплавен од емоции, пишуваат српските медиуми.
– Феноменот од Винковци ја заврши вечерта исполнета со хитови многу емотивно – на самиот крај Јаков не можеше да ги задржи емоциите пред преполната сала – пишува Блиц.
Имено, Јаков им се заблагодарил на сите што доаѓаат на неговите концерти, а потоа најавил концерт и во Белградската арена и се расплакал пред публиката.
– Благодарен сум што толку многу луѓе дојдоа на овие десет концерти во Сава центарот. Сите имате некои обврски, сите бегате од испити за да стигнете на концертот, ја напуштате работата, ги оставате вашите деца за да дојдете на концерт. Секој пат ми оставате пораки и на крајот, најголемата љубов. Ќе се обидам да не плачам, но ова е сè за што сонував. Љубовта што ми ја дадовте е неопислива. Ви благодарам за тоа. Сонував за оваа сцена и публика и ја добив – рекол Јозиновиќ, а потоа најавил уште еден голем концерт во Србија:
– Кога настапував во салата МТС, го најавив Сава Центар. А сега, на десеттиот концерт во Сава Центар, ја најавувам белградската Арена. Како да се разделувам од девојката, го напуштам Сава Центар и одам во Арена. Ви благодарам за сите десет прекрасни концерти – заклучил емотивниот Славонец.
Претходно, во април, регионалната сензација Јаков Јозиновиќ го одржа својот прв концерт во Македонија, а настапот во скопската арена „Јане Сандански“ помина пред повеќе од 5.000 луѓе, кои во еден глас ги пееја песните заедно со него. Јаков најмногу ги пееше хрватските верзии од песните на Тоше за кои кажа дека ги слушал додека растел. Во еден момент, понесен од атмосферата, клекна на колена и ѝ се поклони на публиката.