ВЛАДАТА САКА РЕДОВНИ ИЗБОРИ ВО 2028 ГОДИНА Мицкоски е фокусиран на реформите и очекува висока оценка во јуни

Премиерот предупреди дека Изборниот законик е еден од оние закони во кој е можен филибастеринг, така што кога ќе влезе во Собрание, СДСМ може да направи филибастеринг и да го спречи носењето.

0

Коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, политичката партија Влен и ЗНАМ функционира искуклучително квалитетно. Впрочем, тоа го докажуваат и граѓаните на избори. Ние како Влада сакаме следните избори да бидат редовни и да се одржат во 2028 година, но како партија и Влада сме подготвени во секое време да има избори и на тие избори да победиме, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по увидот на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“.

Тој нагласи дека врз основа на ресурсите со кои расополагаат ги решаваат проблемите на граѓаните.

– Проблеми има многу, и тоа проблеми што се создавани со децении, а ресурсите се ограничени поради лошото менаџирање на тие ресурси кога седум години влада беа СДСМ и ДУИ. Но во зависност од тие ресурси, ние тие проблеми ги решаваме и се трудиме да не создаваме нови. Тоа практично е нашата амбиција и цел како Влада и во таа насока и кон таа цел се движиме – рече премиерот.

ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена да излезе на избори, но целта на Владата е оваа година да се фокусира на испораката поврзана со рефорската агенда.

– Утрово, пред да дојдам овде, заедно со колегите од Владата имавме координативен митинг со директорот на Генералниот директорат за соседска политика и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, и можам да кажам дека имавме исклучително добар состанок. Како резултат на тоа, ќе има испорака, која, од дното, повторно ќе кажам, кое го наследивме, ќе нè доведе до тоа да бидеме рамо до рамо со таканаречениот „фронтранер“ и тоа е добро. Ќе продолжиме во таа насока. Следната недела договоривме нов состанок затоа што извештајниот период, кој завршува на крајот на јуни, сакаме од 10, да се обидеме, како што денеска заклучивме дека сме многу блиску, да може да бидеме до 9 и пол, нешто што е 95 проценти. Тоа е нешто што никој не го направил. Очекувам и тоа да го реализираме како Влада – рече Мицкоски.

Тоа е една од причините зошто годинава како Влада велат дека се посветени на реформите.

– Како Влада сме за тоа да имаме редовни парламентарни избори, кои ќе се одржат пролетта 2028 година, но како ВМРО-ДПМНЕ, а и како Влада, сме подготвени во секое време да имаме парламентарни избори и на тие избори да победиме – потенцира премиерот.

Осврнувајќи се на Изборниот законик, Мицкоски истакна дека работните групи работат и оти тие се составени од сите политички партии мунус СДСМ и коалицијата што ја предводи.

– Знаете дека Изборниот законик е еден од оние закони во кој е можен филибастеринг, така што кога тој ќе влезе во Собранието, СДСМ, доколку одлучи да не го гласа, може и да направи филибастеринг и да го спречи носењето. Тој е еден од седумте или осум закони во согласност со новиот Деловник, каде што сè уште е возможен филибастеринг – рече премиерот.

Тој нагласи дека Владата ќе го подготви и ќе го достави Изборниот законик до Собранието.

– Ќе постои консензус на сите политички партии минус СДСМ. Подготвени сме и со нив да постигнеме консензус кога ќе се вклучат на овие преговори. Доколку постои волја, има и начин да се заврши процедурата пред крајот на јуни – потенцира премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини