ЕВРОПА ГО САКА БАЛКАНОТ, НО НЕ И БАЛКАНСКИТЕ ПРОБЛЕМИ Ексамбасадорот Кристофер Хил зборуваше на Самитот на Македонија2025
Поранешниот американски амбасадор Кристофер Хил кој денеска зборуваше на панелот Leading in the Hot Seat: Decisions That Shape Economies на Самитот на Македонија2025 ја истакна важноста од соработката на лидерите на балканските земји, но и посочи на изреката „Размислувај глобално, делувај локално“. Главна поента од овој панел беше дека лидерството се тестира во моменти на притисок, а донесувањето одлуки ги дефинира и економиите и индустриите.
– Апсолутно круцијално за лидерите е да ја разберат важноста на тоа да работат заедно со други лидери – истакна Хил кој рече дека би било најдобро доколку балканските земји дојдат во позиција во Европската Унија да работат заедно.
Според него, потребна е поголема соработка меѓу земјите и лидерите во регионот.
– Европа го сака Балканот, но не ги сака проблемите на Балканот – рече Хил посочувајќи дека атрактивен предлог е заедно да работат Албанци, Срби, Македонци… и дека тоа би било голем пазар.
Смета дека доколку балканските земји соработуваат ќе имаат многу поголем напредок.
На истиот панел зборуваше и Светозар Јаневски, стопанственик и сопственик на Тиквеш, кој, меѓудругото, раскажуваше за периодот кога ја презел компанијата Тиквеш и како го развивал бизнисот.
Според Јаневски, потребно е граѓаните без разлика дали се Македонци или Албанци да ја градат и развиваат земјата заедно, да се гради една нација.
– Ова е сѐ уште неразбирливо за некои. Главно е како да се согласиме и како да бидеме заедно – рече тој.