ИНФЛАЦИЈАТА Е ДВОЈНО ПОМАЛА ОД ТАА ЗА ВРЕМЕ НА ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА Мицкоски очекува и годинава да има два ребаланса на Буџетот

Премиерот очекува првиот ребаланс да се донесе во јули, а вториот при крај на годината.

0

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е вообичаено во овој период да почне процедурата за ребаланс на Буџетот, а оценува и дека Владата успешно се справува со кризата  бидејќи инфлацијата е двојно пониска во однос на периодот на претходната влада.

– Вообичаено е во јуни да почнат процедурите за ребаланс на Буџетот и во јули да се донесе. Така беше и во 2024 и 2025, а до крајот на годината ќе имаме уште една конечна распределба на средствата за Буџетот во ноември, ова е таа вообичаена процедура која трае – рече Мицкоски.

Прашан за проекциите за инфлацијата Мицкоски посочи дека треба да се споредуваат споредливи работи и оти „сега има двојно помала инфлација од таа во времето на минатата влада“, како што нагласи, „дури и во вакви предизвикувачки услови“.

– Инфлацијата се зголемува секаде во светот, но она што кај нас е важно е дека ако ја споредуваме денешната со состојбата од 2022 година во истиот период се случуваат кризите – месеците март, април и мај, ќе забележите дека тогаш е двапати поголема од сега и тоа е успехот на справување со криза и кризен менаџмент. Доколку сега беше двапати поголема од тогаш, тогаш ќе речевме дека оваа Влада е неуспешна.  Сепак, како Влада успеваме да имаме двојно помала инфлација од тоа што имаше минатата влада дури и во едни вакви предизвикувачки услови -рече Мицкоски.

Во однос на можноста за укинување на тарифните блокови за потрошувачката на електричната енергија што во личен став ја сподели претседателот на  Регулаторна комисија за енергетика Ацо Ристов и влијанието на сметките, премиерот Мицкоски упати на одговор до РКЕ, наведувајќи дека „во делот кој зависи од Владата и компаниите каде е доминантен сопственик, ќе нема покачување како што е и во изминатите две години“.

Поврзани содржини