ЌЕ НЕМА КАЗИНА ВО РАДИУС ОД 500 МЕТРИ ОД УЧИЛИШТАТА Ќе се воведат строги ограничувања за рекламирањето игри на среќа
Владата на денешната седница го утврди новиот усогласен текст на предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри кој ќе биде испратен во Собранието, рече портпаролката Венера Азизи.
Се воведуваат строги ограничувања за рекламирањето игри на среќа во предлог-законот за игрите на среќа и за забавните игри, чиј усогласен текст денеска го усвои Владата и ќе го испрати во Собранието.
– Со ова започнуваме нова, посериозна и поодлучна фаза во борбата против нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и против злоупотребите кои со години нанесуваат штета врз граѓаните – рече портпаролката на Владата, Венера Азизи.
Фокусот на овој закон е заштита на децата, младите генерации и семејствата, додаде таа.
– Се забранува рекламирање на игрите на среќа надвор од деловните простории, доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа. Се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми. Дополнително, се забранува рекламирање преку познати личности и содржини насочени кон малолетници. Испраќаме јасна порака дека коцкањето не смее да се нормализира, ниту да се претставува како стил на живот пред младите – рече Азизи.
Втората клучна точка, посочи таа, е заштитата на образовниот процес и безбедноста на учениците.
– Со законот се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и од средните училишта. Во обложувалниците кои се наоѓаат во радиус до 500 метри од училишта нема да биде дозволено поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа. Ова е институционална одлука да ги заштитиме децата од секојдневна изложеност на коцкање и зависности – вели Азизи.
Паралелно, додаде портпаролката, институциите преземаат конкретни мерки против нелегалното онлајн коцкање.
– Досега се затворени 358 нелегални странски онлајн платформи кои незаконски приредуваа игри на среќа на територијата на државата. Станува збор за платформи кои функционирале без лиценца, без контрола и без никаква заштита за граѓаните. И покрај постојаните обиди на нелегалните приредувачи да отвораат нови канали и интернет страници, институциите ќе продолжат со засилени контроли и со соодветни законски мерки. Оваа Влада уште од првиот ден започна системска борба против индустријата која со години се ширеше без контрола.
Нашата цел е јасна воспоставување одговорен, транспарентен и контролиран систем, со јасни правила, правна сигурност и многу поголема заштита на граѓаните. Ова е борба за иднината на младите, за сигурноста на семејствата и за достоинството на општеството – рече портпаролкана на Владата, Венера Азизи.