„АЛКАЛОИД“ Е ПРИМЕР ДЕКА МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ НАТПРЕВАРУВА ГЛОБАЛНО Мукаетов на Самитот „Македонија 2025“

Визијата за глобализација почна со изградбата на новите производствени капацитети, а клучниот исчекор кон европските пазари се случи во 2007 година, кога беше потврдена нашата усогласеност со стандардите ЕУ-ГМП и кога го добивме првото одобрение за ставање лек во промет во ЕУ. Денес „Алкалоид“ има 1.008 маркетиншки авторизации за лекови на пазарите во ЕУ, вели генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов.

0

Компаниите од земјава и од регионот треба да ги напуштат локалните практики и да работат според глобалните правила и стандарди, доколку сакаат да бидат конкурентни и успешни на меѓународните пазари. Растот и развојот на „Алкалоид“ се резултат на децениско инвестирање во производство, истражување и развој, таленти, технологија и во регионална експанзија, соопшти компанијата.

Овогодишниот самит на организацијата „Македонија 2025“ обедини водечки бизнис-лидери од регионот, кои дискутираа за системските промени потребни за забрзан раст и за предизвиците со кои се соочуваат компаниите во процесот на интернационализација. На панелот посветен на прашањето како може регионот од потенцијал да создаде скалабилни и одржливи резултати се отворија клучни теми за конкурентноста, иновациите и за задржувањето на талентите во Југоисточна Европа. Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, говореше за трансформацијата на компанијата од регионален производител во глобално конкурентна фармацевтска компанија.

– Пресвртот се случуваше постепено, како резултат на долгорочната и внимателно поставена стратегија. Визијата за глобализација почна со изградбата на новите производствени капацитети во раните 2000-ти години, додека, пак, клучниот исчекор кон европските пазари се случи во 2007 година, кога беше потврдена нашата усогласеност со стандардите ЕУ-ГМП и кога го добивме првото одобрение за ставање лек во промет во Европската Унија. Денес „Алкалоид“ има 1.008 маркетиншки авторизации за лекови на пазарите во ЕУ – рече Мукаетов.

Тој посочи дека фармацевтскиот сегмент денес учествува со 91 процент во вкупните продажби на компанијата, удел во кој предничи полусинтетскиот цефалоспорин – цефиксим, за кој „Алкалоид“ е водечки производител во Европа и во Евроазија според волуменот на производство.

Посебен акцент на панелот беше ставен врз важноста на човечките ресурси и врз проблемот на земјава и регионот со одлив на таленти, што директно влијае врз економскиот и иновативниот потенцијал. Меѓу компаниите во регионот сè почесто се наметнува оценката дека образовниот систем не одговара на потребите на современиот пазар на трудот и дека е евидентен недостигот од практично подготвен и глобално конкурентен кадар.

– „Алкалоид“ инвестира во сопствена академија, практикантски програми, дуално образование и во стипендии за студенти по медицина и по фармација, со цел да придонесе за создавање и за задржување квалитетен кадар во земјава. Како столбови на националните економии, големите компании треба да најдат начини за да ги задржат талентите тука. Нашата стратегија за луѓето е и наша бизнис-стратегија – порача генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на Самитот „Македонија 2025“.

Тој нагласи дека долгорочниот успех и позитивниот имиџ на компанијата се темелат врз организациска култура во која луѓето, довербата и развојот на таленти се врвен приоритет.

На панел-сесијата „Од потенцијал до перформанси: може ли регионот да скалира?“, модерирана од Методија Папазоски, член на Одборот на директори на „Македонија 2025“ и претставник на „EMBS Group“, учествуваа и Александар Сератлиќ, претседател на Надзорниот одбор на „Mercata VT Owner“ и член на надзорните одбори на „Vivex Group“, „Краш“ и „MPC Properties“; Ана Драшковиќ, потпретседател и регионален генерален менаџер за Југоисточна Европа во „VISA“, и Огњен Лазиќ, генерален директор на „Пивара“ Скопје.

Поврзани содржини