МАКЕДОНИЈА ДЕЛ ОД ГЛОБАЛНАТА ДЕБАТА ЗА НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК Енергијата не е само економско прашање, туку основа за стратешка отпорност на земјите

Според министерката за енергетика и рударство, регионалната енергетска поврзаност на Балканот денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурно прашање, а зелената транзиција мора да биде реална, праведна и социјално одговорна.

30

Во услови на глобални кризи, енергетиката повеќе не е само економско прашање, туку прашање на безбедност, стабилност и стратешка отпорност на државите, изјави во своето обраќање министерката за енергетика и рударство Сања Божиновска на Евроазискиот економски самит што се одржува во Истанбул, Турција..

-Изолацијата не е стратегија. Соработката е -рече Божиновска нагласувајќи дека земјава активно работи на диверзификација на енергетските извори, регионално поврзување, инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.

Според Божиновска, регионалната енергетска поврзаност на Балканот денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурно прашање, а зелената транзиција мора да биде реална, праведна и социјално одговорна.

– Зелената транзиција не може да успее, ако создава енергетска сиромаштија и ги продлабочува нееднаквостите. Потребна е транзиција што ќе биде истовремено и одржлива и праведна -рече Божиновска.

Таа се осврна и на важноста од регионална соработка, стабилни партнерства и забрзана интеграција, потенцирајќи дека малите држави не смеат да бидат пасивни набљудувачи на глобалните промени, туку активни учесници во нивното обликување.

Годинешниот Евроазиски економски самит се одржа под мотото „Global Responsibility – The Post-War World with War, Terrorism, Conflict, and Involuntary Migration“, а во фокусот на дискусиите беа глобалната енергетска безбедност, новите геополитички односи, климатските предизвици, недостигот на вода и зеленило, како и економските и социјалните последици од светските конфликти и миграции.

Самитот во Истанбул собра политички лидери, министри, дипломати, академици, претставници на бизнис секторот и граѓански организации од повеќе континенти, со цел отворање нов дијалог за поодржлива, постабилна и покооперативна иднина.

 

Поврзани содржини