🎥 НАШИТЕ ПРЕДЦИ БЕА НА ИСПРАВНАТА СТРАНА НА ИСТОРИЈАТА Денес се бориме за знаење, развој, институции и за достоинствен живот

Имаше и такви челници на народи кои не беа на исправната страна на историјата, кои беа непријатели. И тоа не беа администратори, туку окупатори, рече премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

55

Сè што правиме во овој период е насочено кон тоа државата повторно да ја застанеме на нозе, да ја закрепиме економијата и да создадеме сигурност и перспектива за секој човек, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, што се одржа пред споменикот „Ослободители на Скопје“, во присуство на делегации од институции, политички партии и од амбасади.

Нашата борба денес, потенцираше, не е со оружје. Нашата борба е за знаење, за развој, за институции и за достоинствен живот. Борба против сиромаштијата, корупцијата, неправдата и против безнадежноста. И таа борба мора да ја добиеме со истата решителност со која нашите предци ја бранеа слободата.

Цитирајќи го Винстон Черчил дека „успехот не е конечен, неуспехот не е фатален, важна е храброста да се продолжи понатаму“ Мицкоски рече дека токму таа храброст денес ѝ е потребна на татковината.

– Да продолжиме напред со исправена глава. Да градиме држава која ќе биде почитувана, стабилна и просперитетна. Држава која нема да биде симбол на поделби, туку пример за достоинство и за напредок. Знам дека не се живее лесно. Знам дека многу семејства секој ден прават пресметки како да го поминат месецот. Дека ценовните шокови, инфлацијата и скапиот живот се најголемата грижа на граѓаните. И тоа не е само ваша грижа – тоа е и моја лична грижа – рече Мицкоски.

Нашата политика, дополни, е на четири клучни столба – економијата и животниот стандард, образованието, правдата и младите и иднината.

– Нашата цел е јасна – повисоки плати, повеќе инвестиции, нови работни места и силна домашна економија. Работиме на поддршка на компаниите, на отворање нови капацитети, на инфраструктурни проекти и на финансиска стабилност. Не ветуваме чуда преку ноќ, туку чесна и напорна работа што ќе донесе реални резултати. Сакаме граѓаните да почувствуваат дека трудот се исплати и дека државата конечно работи за нивниот подобар живот – рече Мицкоски.

Тој порача дека моќта на образованието е најсилниот лек против сиромаштијата. Држава која инвестира во знаење, посочи, инвестира во својата иднина.

– Затоа вложуваме во училишта, во подобри услови за учениците и за наставниците, во модерни програми и во дигитализација. Сакаме младите да добијат образование кое ќе им отвора врати. Образованието мора да биде двигател на промените и надеж за секое дете – рече Мицкоски.

Народот, додаде премиерот, со години беше разочаран од двојните аршини, од чувството дека за едни има закон, а за други нема. Затоа, посочи, рековме дека нема да има наши и ваши, нема да има заштитени и недопирливи и докажавме дека правдата важи за сите подеднакво.

– Само држава во која владее правото може да биде силна и стабилна држава. Граѓаните мора повторно да поверуваат дека институциите постојат за да служат на народот, а не на поединци – посочи Мицкоски.

Потенцираше дека нема иднина ако младите ја губат надежта. Затоа, рече, нашата борба е да создадеме држава во која младите ќе сакаат да останат, да создаваат семејства, да работат и да успеваат.

– Инвестираме во младите, во спортот, во иновациите и во новите можности. Сакаме младите луѓе да бидат двигател на промените, а не сведоци на разочарувања. Нашата обврска е да им оставиме држава со перспектива, достоинство и верба дека најдоброто време допрва доаѓа – наведе Мицкоски.

Според него, 9 Мај треба да биде потсетник дека слободата и мирот не се нешто што еднаш се добива и засекогаш се има и дека генерацииите имаа должност повторно ги бранат – со мудрост, со работа и со единство.

Ние, Македонците, многу добро ја разбираме цената на слободата, рече премиерот, нашата историја не е историја на покорување, туку историја на отпор, на луѓе кои, и кога биле малубројни, знаеле да бидат големи. Историја на генерации кои ја чувале идејата за своја држава, свој јазик, свој идентитет и свое достоинство.

– Зад мене е Споменикот на ослободителите. Погледнете го убаво. Во него, низ седум ликови, се раскажува приказната за нашата борба. Борец на чело кој со пушка во рака ги охрабрува борците на јуриш, жена во одлучен став со пушка во рацете, дете меѓу борците, борец кој со едната рака придржува ранет другар, а со другата фрла бомба, борец во умирање кој со своите последни сили го држи знамето на слободата и младинец кој се подготвува за напад кон поробителите. Ова е само една епизода од плејадата драматични слики од нашата историја. Токму вака изгледала и битката на оние кои ја донесоа слободата. И денес пред мене се дел од вистинските ликови од оваа епопеја и нивните наследници. Како премиер, но пред сè како човек, имам обврска да изразам почит кон делото и жртвата, кон вас и илјадници други кои испишаа историја. Нивните имиња и дела мора да ги паметиме – рече Мицкоски.

Во годините на Втората светска војна, македонскиот народ, рамо до рамо со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, застана на вистинската страна на историјата и илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме.

– Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината. И затоа денес, кога се поклонуваме пред нивната жртва, не смееме да дозволиме нивниот подвиг да биде заборавен или релативизиран. Слободата никогаш не е подарок. Таа е избор, жртва и одговорност. И колку тоа некој да сака да го сокрие или прескокне, нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори – потенцира Мицкоски.

И јас, без ни малку предрасуди, на сето ова гледам како на историски факти, сакал некој да признае или не, се срамел некој или не, додаде тој.

– Народите кои се издигнаа над таквите парадигми и не робуваа на историските дамки дека нивните раководства биле на погрешната страна, отидоа многу напред. Но има и такви кои заглавија во историјата и со себе сакаат да ги повлечат и другите – рече Мицкоски.

9 Мај е потсетник дека и во најтемните времиња народите можат да најдат сила да се обединат околу доброто, дека омразата и поделбите никогаш не смеат да бидат посилни од достоинството и надежта, додаде.

– И дека Европа не е создадена само од договори и од институции, туку од солзите на мајките, од жртвата на хероите и од сонот никогаш повеќе да не се повтори злото на војната. Ние, добро ја знаеме цената на слободата. Знаеме што значи борба за своја држава, за свое име и за свое достоинство. И токму затоа денес испраќаме порака дека остануваме на страната на мирот, слободата и европските вредности. Да градиме Европа која не заборава. Европа која обединува – рече Мицкоски.

НЕМА ПАЗАР СО ИДЕНТИТЕТОТ, ЧЕСТА НЕМА ЦЕНА Мицкоски повика на обединување за подобра Македонија

Поврзани содржини