Јастреби малку, гулапчиња на секој чекор
Спротивно на барањето за укинување на горната граница, сметам дека постои потреба од намалување на максималниот износ за пресметка на придонеси за социјално осигурување во Република Македонија.
Пред неколку дена г-динот Апасиев, пратеник во Собранието од политичката партија Левица, од собраниската говорница ми залепи етикета на „десничарски јастреб“, поради мојата улога во минатото при вршење одговорни јавни функции во креирањето на некои системски решенија во системот за исплата на плати и пресметка на придонеси за социјално осигурување (пензиско-инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност).
Својот став го темели на две премиси, од кои едната е ноторна лага, а другата можеби се темели на незнаење, што претставува помал грев.
Лага е обвинувањето дека со преминот кон системот „бруто плата“ од почетокот на 2009 година биле укинати хранарината и патните трошоци. Факт е дека износот на овие бенефиции за вработените беше вклучен во платата. Доволно е да се погледне статистичкиот податок за раст на реалната плата во 2009 година и да се спореди со податоците за годините пред и по реформата. Разликата изразена во проценти е огромна, токму поради тоа што од 2009 година во износот на исплатената бруто-плата се вклучени и бенефициите кои пред тоа се искажуваа одвоено.
Не сакам повторно да објаснувам кои беа придобивките од оваа реформа. Само ќе потсетам дека платите почнаа да се исплаќаат редовно, најдоцна до 15-ти во месецот, заедно со придонесите. Ако процентот на вработени што не беа добиле плата за претходниот месец во периодот пред реформата изнесуваше околу 14%, со реформата тој се намали под 1%. За разлика од претходниот период кога на голем број вработени нередовно или воопшто не им се уплаќаа придонеси, од тогаш наваму придонесите, со ретки исклучоци, редовно се уплатуваат.
Втората причина за спомнатата квалификација г-динот Апасиев ја поврза со постоењето на горна граница за уплата на придонесите од социјално осигурување во износ од 16 (шеснаесет) просечни бруто плати во Република Македонија (12 за самовработени лица). Г-динот Апасиев смета дека ваквото ограничување не треба воопшто да постои. Верувам дека неговото мислење, од различни причини, го споделуваат и други.
Кажав претходно дека за ова не му замерувам поради незнаењето, а воедно и признавам дел од „вината“, која, како што ќе следи во продолжение, не се темели на некаква идеолошка определба, туку на практиката во околните земји и пошироко.
Спротивно на барањето за укинување на горната граница, сметам дека постои потреба од НАМАЛУВАЊЕ на максималниот износ за пресметка на придонеси за социјално осигурување во Република Македонија. Во моментов нашата земја е можеби светски рекордер со максимален износ од 16 (шеснаесет) просечни бруто плати за пресметка и уплата на придонесите. Не случајно, како што дознаваме од медиумите, Комората за информатички технологии постојано испорачува слично барање до Владата.
Ова особено ги погодува лицата кои заработуваат релативно високи месечни доходи и ги тера да ги сокриваат своите приходи преку сметководствени еквилибристики, или пак воопшто да не се пријавуваат во системот. Илјадници наши сограѓани (се надевам дека секој од нас познава по неколку од нив) работат за странски нарачатели, резиденти се во земјата, а доходите го добиваат на сметки во странство. Од таму влечат готовина за своите потреби и не плаќаат ниту персонален данок, ниту придонеси.
До 2008 година кај нас не постоеше максимален износ за пресметка и уплата на придонеси за социјално осигурување. Како сопствена иницијатива поддржана од тогашната влада, со законска измена се изборив за горна граница од 4 (четири) месечни бруто плати. Во парламентот мерката ја бранев со фактот дека прво, кај пензиите постои максимален износ на пензија, без разлика на износот уплатени придонеси, а кај здравственото осигурување постои ограничен пакет на здравствени услуги во јавното здравство. Солидарноста, како и насекаде во светот, треба да има граници!
Ова траеше 3-4 години, кога моите наследници во Министерството за финансии почнаа да попуштаат пред левичарските притисоци во јавноста и првично го зголемија лимитот на шест, а потоа на 12 просечни бруто плати. Сега, како што кажав претходно, горниот лимит изнесува 16 просечни бруто плати, односно de facto нема горна граница!
За споредба, ќе презентирам податоци за неколку држави од регионот кои имаат значително пониска горна граница од нашата за пресметка на придонесите од социјално осигурување:
Србија – петкратен износ на просечната месечна плата исплатена по вработен.
Бугарија – најниска во регионот – од само 1,6 (една запирка шест) просечни бруто плати. Над овој износ не се плаќаат придонеси!
Албанија: четирикратен износ на МИНИМАЛНАТА месечна плата.
Црна Гора: петкратен износ на просечната бруто плата во земјата.
Хрватска: четирикратен износ на просечната месечна бруто плата.
Во САД, за системот Social Security, максималниот износ на годишно ниво за 2024 година за исплата на Payroll Tax e утврден на $168.600, додека просечната годишна плата изнесува $63.795, односно 2,6 годишни бруто плати.
Постојат бројни прашања во областа на социјалното осигурување во земјава од аспект на ефикасноста и правичноста на системите, во кои во оваа прилика не сакам да навлегувам. Нека со нив се занимаваат надлежните институции и експертите. Сакам само да порачам дека потребата е ургентна!