ПРОЦЕСОТ „ПУЛС“ ПРЕД НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ Сведоците не ја потврдија теоријата на верижна одговорност, што покажа првото соочување со материјалните докази?

Почетокот на фазата на процесот во која се изведуваат материјалните сведоци отвори нови дилеми: дали сите клучни сведоци ќе бидат директно сослушани, дали сите снимки и материјални докази се обезбедени, дали е јасно утврдено кој ја внел и поставил пиротехниката, дали причинско-последичната врска е доволно прецизно поставена и дали обвинението ризикува да создаде премногу широка слика на вина без доволно јасна поединечна одговорност.

627

Обвинителството минатата недела ја исцрпи листата на сведоци  во случајот „Пулс“. Општ впечаток е дека сведочењата не посочија на докази дека сите 35 физички и 3 правни лица, опфатени со обвинението, се дел од иста и правно одржлива линија на одговорност.

По месеци рочишта, потресни искази, недостапни сведоци, читање претходни изјави и процесни расправи, во првата фаза од судењето, сведоците ја раскажаа трагедијата во кобната ноќ, ги потврдија ужасот, хаосот, пожарот, паниката и последиците, но не ја докажаа клучната правна теза дека толку широк круг обвинети може да се врзе за истата последица, преку една заедничка логика на одговорност.

Во стручната јавност, веќе подолго време се отвораат дилеми за структурата на обвинението. Минатата недела и поранешната обвинителка Вилма Рускоска укажа дека ваквата поставеност, со голем број обвинети под иста квалификација, отвора сериозни прашања за одржливоста на процесот. Слични позиции, во различни форми, изнесоа и правници и јавни личности како Петре Шилегов, Владимир Туфегџиќ, Јанаки Митровски, Еленко Миланов, Звонко Давидовиќ и други, кои укажуваат дека преголемата ширина на обвинението може да доведе до разводнување на одговорноста наместо нејзино прецизирање.

Најслабата точка на обвинението стана јасно видлива

Од 19 ноември 2025 година до денес, судењето за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјава, во која загинаа 63 лица а повеќе од 200 беа повредени, се развива како еден од најобемните предмети во историјата на македонското правосудство. Во првите рочишта, очекувањата беа насочени кон сведоците. Обвинителството излезе со широка листа, со намера преку искази да ја опфати целината на настанот и да ја потврди сопствената конструкција во обвинителниот акт. Во судницата се слушнаа тешки, лични и потресни сведоштва.

Но, колку што повеќе сведоци поминуваа низ судницата, толку појасно се гледаше дека нивните искази ја потврдуваат трагедијата, но не и целината на обвинението. Сведоците упорно се навраќаа на истите непосредни околности на трагедијата – пиротехника во затворен простор, преполн објект, отежната евакуација, нефункционални или недоволно достапни излези, чад што брзо го исполнува просторот и паника што за неколку минути прераснува во стампедо – и самите ја фокусираа расправата на вистинските причини за трагедијата.

Со еден збор, сведоците не ја потврдија теоријата за „верижна“ или „системски поврзана“ одговорност на сите лица опфатени со обвинението. Уште сега е јасно дека сите обвинети, во ист правен обем и со исти правни квалификации, едноставно не можат да бидат поврзани со истата трагична последица. Тоа не значи дека нема одговорност. Напротив, трагедијата бара одговорност. Но бара одговорност што е конкретна, персонализирана и докажлива. Во кривична постапка не е доволно да се покаже дека системот затаил, дека институциите пропуштале или дека низ годините постоеле слабости. Треба да се докаже врска меѓу конкретно дејствие или пропуст и конкретна последица. А токму таа врска, по исцрпувањето на сведоците, останува најслабата точка на обвинителската конструкција.

Што покажаа обдукциските наоди?

Големо внимание предизвика рочиштето на кое беа презентирани обдукциските наоди за 63 жртви. Бројките од судската медицина се сурови и неспорни. Од 63 жртви, 50 починале од труење со јаглерод моноксид, 4 од гмечење, односно притисок врз градниот кош, 3 од недостиг на кислород, а 1 лице од изгореници од трет степен. Сепак, овие наоди, колку и да се потресни, сами по себе не одговараат на клучното правно прашање: кој го предизвикал или дозволил сплетот на услови, во кој чадот, токсичните гасови, недостигот на кислород, гужвата и невозможната евакуација довеле до масовна смрт?

Обдукциските наоди ја враќаат постапката на клучното конкретно прашања: што точно го претворило просторот на дискотеката „Пулс“ во смртоносна стапица? Како чадот и токсичните гасови толку брзо го исполниле објектот? Зошто евакуацијата не функционирала? Дали излезите биле достапни, функционални и доволни за бројот на луѓе внатре? Каква била улогата на гужвата, на пиротехниката и на реакцијата во првите минути?

Големи емоции и непријатна дебата предизвика фактот дека дел од жртвите биле алкохолизирани, а некои ноќта биле под дејство на дроги и на психотропни супстанци. За жал, овие податоци во дел од јавноста беа злоупотребени за двојно виктимизирање на жртвите, наместо да се постави прашањето дали во истрагата имало суштински важен пропуст. Имено, се знае дека вечерта пред избувнувањето на пожарот во објектот „Пулс“ имало полициска рација. Прашањето што остана неодговорено е дали при толку алкохолизирани лица и дел под дејство на дроги, биле создадени законски услови полицијата на теренот ноќта да ја прекине забавата, да го испразни објектот и да го затвори. Ќе остане само да се нагаѓа дали така можело да биде избегната трагедијата.

Недостапноста на сведоците е сериозна слабост на постапката

Рочиштето на кое беа читани искази на сведоци што не се достапни за органите на прогон и на кое сведочеше директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, покажа дека предметот станува сè покомплексен. Наместо да ги затвори дилемите, рочиштето отвори нови: дали сите клучни сведоци ќе бидат директно сослушани, дали сите снимки и материјални докази се обезбедени, дали е јасно утврдено кој ја внел и поставил пиротехниката, дали причинско-последичната врска е доволно прецизно поставена и дали обвинението ризикува да создаде премногу широка слика на вина без доволно јасна поединечна одговорност.

Една од најважните точки од рочиштето беше читањето на исказите на сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, кои, според известувањата презентирани во судницата, не биле достапни за органите на прогон. Формално, судската постапка познава можност во одредени случаи да се чита исказ даден во истрага. Но, во предмет од ваков обем и чувствителност, отсуството на сведоци не е само техничко прашање. Тоа е суштинско прашање кое може да го ослаби квалитетот на доказната постапка.

Дали недостапноста на сведоците во процесот, кои инаку се предложени од Јавното обвинителство треба да остане само на техничка фуснота?  Во предмет од ваква тежина, особено кога сведоците може да помогнат во реконструкција на случувањата со пиротехниката, движењето во објектот или моментите пред пожарот, мора да се види дали се преземени сите реални мерки за нивно обезбедување.

Разликата меѓу прочитан исказ и живо сведочење е голема

Сличен проблем претходно се појави и со сведокот Даутовски, менаџер на ДНК, за кого беше наведено дека не можел да биде обезбеден бидејќи бил во Германија. Доколку станува збор за државјани на Македонија кои во меѓувреме влегуваат и излегуваат од државата, прашањето не е само каде се сведоците, туку и колку навистина Обвинителството се обидело да ги донесе пред суд.

Доколку сведокот има сознанија за внатрешноста на објектот, за движењето на луѓето, за евакуацијата, за поставувањето на пиротехниката или за моментите непосредно пред избувнувањето на пожарот, тогаш неговото директно сослушување не е споредна формалност. Тоа е важен дел од утврдувањето на вистината. Разликата меѓу прочитан исказ и живо сведочење е голема. Прочитаниот исказ ја дава само претходно дадената верзија на сведокот. Директното сведочење, пак, овозможува разјаснување, дополнителни прашања, вкрстено испрашување, проверка на противречности и утврдување на кредибилитетот на сведокот.

Во ваков предмет, каде што секоја минута, секое движење и секоја одлука можат да бидат правно значајни, недостапноста на сведоци што можеби располагаат со клучни информации е сериозна слабост. Не затоа што нивните искази нужно се неточни, туку затоа што судот и странките немаат можност целосно да ги тестираат.

Одбраната реагираше дека читањето искази од истражната постапка може да создаде лоша практика, особено кога станува збор за сведоци што се важни за реконструкцијата на настанот. Оваа реакција не треба да се гледа само како адвокатска тактика, затоа што го отвора прашањето за еден од основните принципи на правично судење: можноста доказите да бидат проверени низ директна расправа.

Во секој сериозен кривичен процес, особено кога обвинението опфаќа голем број лица, одбраната мора да има реална можност да ги оспори доказите. Не симболична, не формална, туку суштинска можност. Тоа значи да поставува прашања, да бара појаснувања, да укажува на противречности и да проверува дали исказот на сведокот се совпаѓа со другите докази.

Сведочењата за пиротехниката и снимките се клучни за реконструкција на настанот

Ова е особено важно во делот што се однесува на пиротехниката. Според дел од реакциите на одбраната, сведоците се важни за да се утврди кој ја внел, кој ја поставил и кој можел да ја забележи пиротехниката. Тоа не е периферно прашање. Тоа е едно од централните прашања на предметот.

Ако обвинителската теорија се потпира на одредена верзија за внесувањето и поставувањето на пиротехничките средства, тогаш таа верзија мора да биде докажана со висок степен на процесна сигурност. Не смее да остане како претпоставка, ниту како логичен заклучок изведен од општата трагичност на настанот. Таа мора да биде утврдена преку докази што можат да издржат проверка.

Во ваков процес не е доволно да се каже дека пиротехниката била присутна во објектот. Не е доволно ниту да се каже дека обезбедувањето требало да ја забележи. Судот мора да утврди конкретна линија на движење: од каде дошла, кој ја донел, како влегла, каде била поставена, кој бил присутен, кој имал можност да реагира и дали некој имал службена или фактичка обврска да ја спречи.

Посебно внимание заслужува прашањето за снимките, фотографиите и видеоматеријалите од кобната вечер, зашто во постапката одбраната реагирала дека одреден сведок бил задолжен да зачува фотографии и видеа, но тие не биле дел од доказите на Обвинителството.

Ова е една од најсериозните теми за процесот. Во настан што се случил во полна дискотека, за време на концерт, во време кога речиси секој има телефон со камера, логично е да се очекува дека постојат повеќе визуелни материјали од различни агли. Таквите снимки можат да бидат од огромно значење. Тие можат да покажат кој кога влегол, што носел, каде се движел, кога започнал пожарот, како реагирале присутните, што правело обезбедувањето, каде биле излезите, како се создала гужвата и кои биле првите обиди за гаснење или евакуација.

Се бара доказна прецизност и јасна индивидуализација на одговорноста

Сведочењето на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, укажува дека смртниот исход кај жртвите не може да се сведе на еден единствен фактор. Според презентираните информации, кај најголем дел од жртвите главната причина за смрт била насилно задушување како последица на труење со јаглерод моноксид. Но истовремено, во судницата беше објаснето дека на смртниот исход влијаеле и други фактори: чад, жежок воздух, водороден цијанид, термички оштетувања на дишните патишта, пренатрупаност, паника, физички притисок и неможност за евакуација.

Ако се покаже дека дел од материјалите придонеле кон ширење токсични гасови, тогаш одговорноста не се задржува само на употребата на пиротехника. Таа мора да се гледа и преку начинот на кој објектот бил уреден, опремен, дозволен и контролиран.

Ако целта е вистинска правда, тогаш процесот мора да биде попрецизен и построг кон доказите. Прашањето не е дали трагедијата била системски пораз. Прашањето е дали Обвинителството може тој пораз да го претвори во докажлива кривична одговорност. Трагедијата во „Пулс“ е факт што никој не го оспорува. Бројот на загинати, бројот на повредени, страдањето на семејствата и тежината на последиците се надвор од секоја дебата. Но, токму затоа што станува збор за еден од најтешките судски предмети во поновата историја на Македонија, процесот не смее да се потпре на општи впечатоци, претпоставки или на широка распределба на вина. Напротив, мора да покаже доказна прецизност и јасна индивидуализација на одговорноста.

Поврзани содржини