ВЕШТАК ЌЕ ОДГОВАРА НА СИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ОБДУКЦИИТЕ ЗА КОЧАНИ Почнува изведување на материјалните докази за пожарот
Остануваат уште неколку сведоци предложени од Обвинителството, по што ќе се изведуваат судско - медицинските обдукциски наоди за причините на смртта на жртвите во пожарот.
Со изведување материјални докази предложени од Обвинителството денеска во судницата во Идризово треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Тимот обвинители кој го застапува обвинението, на брифинг со медиумите, вчера информираше дека остануваат уште неколку сведоци кои се предложени – тие што од психички причини не може да бидат сослушани и еден кој е во странство, за кои, како што велат, важи можноста доколку не се достапни да се бара да се прочитаат нивните искази.
Со тоа се завршува со вербални докази и се очекува да се започне со изведување на судско – медицинските обдукциски наоди за причините на смртта на жртвите во пожарот.
По изведувањето на обдукциските наоди ќе биде повикано вешто лице кое ќе одговори на сѐ она што не било одговорено или отворило прашања во јавноста.
Од Обвинителството не може да кажат колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на материјалните докази, и тоа ќе зависи и од одбраната и дали и колку опструкции ќе има, но работа е на судот да се грижи за економичност и ефикасност на постапката.
Исклучување на јавноста ќе се бара во зависност од начинот на изведувањето на доказите и колку длабочина ќе се дозволи во изведувањето.
Судскиот процес започна на 19 ноември минатата година, по што во судницата во КПУ „Идризово“ во Скопје, досега беа сослушани родители, преживеани, гости во клубот, инспектори, претставници на институции и на општина Кочани, како и членови на бендот, кои настапувале таа вечер.
Судењето го води судијката Дијана Грувеска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.