МУ СЕ ЗАКАНУВА ДОЖИВОТНА РОБИЈА Напаѓачот на гала-вечерата обвинет за атентат врз претседателот
Осомничениот, 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија, се соочува и со уште две федерални обвиненија.
Напаѓачот, кој во неделата се обиде да влезе на вечерата на дописниците од Белата куќа е обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Министерството за правда на Соединетите Американски Држави.
Осомничениот, 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија, се соочува и со две федерални обвиненија – употреба на огнено оружје при извршување насилно кривично дело и транспорт на оружје и муниција преку државни граници со намера за извршување тешко кривично дело.
Доколку биде осуден Ален би можел да се соочи со доживотна затворска казна.
– Тој се обиде да го убие претседателот на САД, Доналд Џ. Трамп – изјави обвинителката Џоселин Балантин.
Вршителот на должноста државен обвинител, Тод Бланш, соопшти дека осомничениот го нарекол „предавник“ претседателот Трамп во електронските пораки што им ги испратил на роднини непосредно пред инцидентот.
– Нема место за насилство во граѓанскиот живот. Не може и нема да се користи за попречување на демократските институции, а сигурно не може да продолжи да се користи против претседателот на САД – изјави Бланш.