📽️ МОСКВА ЈА ПОКАЖА „МАПАТА НА ОДМАЗДАТА“ Ако Украина нападне за 9 мај, Киев ќе биде цел

Руската државна телевизија „Русија 1“ емитуваше мапа со потенцијални цели во Киев, меѓу кои парламентот, владините институции и странски амбасади. Во програмата беа споменати и бункерите што наводно ги користи украинскиот претседател.

951

Руската државна телевизија „Русија 1“ објави список на потенцијални цели во Киев во случај, како што наведоа, да биде „попречена парадата за Денот на победата“ во Москва на 9 мај. Во емисијата беа прикажани мапи и локации што Москва ги смета за можни цели за „одмазднички удар“.

Во програмата беа наведени украинскиот парламент, владините згради и безбедносните служби.

– Во случај на провокација, целиот владин округ и Врховната рада ќе бидат нападнати – изјави водителот на „Русија 1“.

Во извештајот беа споменати и зградата на СБУ, како и канцелариите на украинската влада. Руската телевизија наведе дека во центарот на Киев се наоѓаат амбасади на повеќе западни земји.

Меѓу нив беа споменати САД, Германија, Франција, Канада, Полска и Велика Британија. Во извештајот беше посочено дека дипломатските претставништва се наоѓаат во близина на потенцијалните цели.

 

Константин Книрик, раководител на прокремљскиот портал „Њуз Фронт“, во емисијата директно го спомена украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Цел на уништување за нас е улицата Банкова, вклучувајќи ги зградите што ги користел Зеленски, како и бункерот во кој се крие – изјави Книрик.

Тој додаде дека Русија, според него, може да го „допре во кој било бункер“.

Заканите доаѓаат во пресрет на Денот на победата, кој Русија го одбележува на 9 мај. Претходно Украина ги предупреди странските делегации да не патуваат во Москва за време на прославите.

Москва, пак, најави дека прекинот на огнот треба да започне на полноќ.

Зеленски изјави дека Украина сака да работи на целосен мир, а не „да моли за примирје по светот“.

Поврзани содржини