🎥 ЗАГРЕБ – ПРВ ГРАД ВО ЕВРОПА ШТО ВОВЕДУВА РОБОТАКСИ Околу 4.000 луѓе чекаат на ред да се возат
Интересот за автоматизираната услуга, којашто чини 1,99 евра по патување е голем.
Загреб е првиот град во Европа што нуди роботакси-услуги, објави хрватската компанија „Верне“, којашто веќе еден месец ја спроведува револуционерната технологија на градските улици.
Во соработка со светски реномираната такси-компанија „Убер“ и со системот за самоуправувачко возење на кинеската компанија „Пони.аи“, „Верне“ управува со 10 автоматизирани автомобили за одреден број корисници во градот од 8 април. Услугата засега ја користат околу 300 луѓе. Услугата на компанијата е дизајнирана да биде целосно самоуправувачка, но на почетокот ќе има „човечки оператор“ во возилото – во случај ако е потребна интервенција. Иако слични услуги се достапни во Кина и во САД со години, според западните медиуми, неколку компании сè уште се натпреваруваат за воведување самоуправувачки такси-возила на европските патишта.
Дури 90 отсто од патниците ѝ дале на услугата висока оценка со четири или пет ѕвездички, а на десетици илјади поминати километри, сè уште нема пријавени несреќи, се наведува.
И покрај честопати хаотичниот сообраќај и сложените раскрсници во Хрватска, раководителот на операциите на „Верне“ во земјата, Филип Циндриќ вели дека повеќето патувања одат без никаква интервенција.
– Иако услугата првпат беше најавена на почетокот на април, автомобилите ретко се гледаат на улиците. Засега, тие сообраќаат во центарот на градот, делови од Нов Загреб и околу аеродромот. Проширувањето ќе оди постепено, при што секоја нова област се воведува само по детално тестирање и откако системот ќе се докаже како сигурен во реални услови – изјави извршниот директор на „Верне“, Марко Пејковиќ.
Според компанијата, интересот за автоматизираната услуга, којашто чини 1,99 евра по патување, е голем. Во овој миг, се вели, околу 4.000 луѓе се на списокот на чекање.
Пејковиќ нагласи дека ниската цена има за цел привлекување корисници и собирање повратни информации, а се очекува цените да се зголемат со проширувањето на услугата.
Автоматизираните автомобили, коишто можат да се повикаат преку апликацијата на „Верне“, се опремени со повеќе камери, ласери и радари со коишто возилото се движи по улиците. Во Загреб, целта е да се премине на целосно автоматизирана услуга и работа до крајот на годинава – доколку се добијат потребните дозволи. Компанијата, инаку, е во преговори со други 11 градови во Европската Унија, Обединетото Кралство и на Блискиот Исток, за воведување на оваа услуга.