БУГАРСКИОТ НАРАТИВ НЕМА ДА СЕ СМЕНИ ДОДЕКА КАЈ НАС ИМА ПОЛИТИЧАРИ СПРЕМНИ ДА КОЛЕНИЧАТ Мицкоски не очекува промени во односите со источниот сосед

Во 21 век го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев. Во 21 век сѐ уште македонскиот народ се соочува со овие предизвици за кои не би требало да се соочува – рече Мицкоски.

77

Во односите и во преговорите со Бугарија како Влада ќе опстојиме на она што претставува наш корен, линија на македонскиот идентитет, тоа е црвента линија и од тоа нема да отстапиме ниту милиметар. Не очекувам да се промени наративот од бугарска страна и покрај најавите за формирање стабилна влада, сѐ додека во земјава има политички и општествени структури кои се подготвени да коленичат пред бугарските власти – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

– Во 21 век го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев. Во 21 век сѐ уште македонскиот народ се соочува со овие предизвици за кои не би требало да се соочува. За жал, наместо да се бориме за заедничка иднина, за подобра иднина ние сѐ уште отвораме прашања од минатото и за жал дел од тие прашања со своите корени се во средниот век – рече Мицкоски во одговор на новинарски прашања по панихидата одржава по повод 123-годишнината од загинувањето на Гоце Делчев.

Иако во Бугарија се очекува стабилна влада по подолго време, Мицкоски не очекува бугарскиот наратив во однос на Македонија да се промени.

– Не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив, очекувам истата да се вжешти затоа што сѐ уште има структури и политички и општствени, кај нас дома, кои што се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сѐ додека има такви структури и сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед – рече премиерот.

Тој нагласи дека сепак, како влада се подготвени на разговори, но тие да бидат аргументирани.

– Ние како Влада сме секогаш подготвени за билатерални разговори, да ги соочиме нашите аргументи и се разбира оние аргументи кои ќе преовладеат ние сме подготвени да ги прифатиме, иато како што очекуваме и од спротивната страна да ги прифати, истакна премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини