ОХРИД ОДИ ПО ЕВРОПСКИ ТРОФЕЈ Драма до последна секунда и херојски пенали за финале
Драматична победа над Целје по пенали му донесе на Охрид историски пласман во финалето на ЕХФ Европскиот куп
Ракометарите на ГРК Охрид обезбедија историски пласман во финалето на ЕХФ Европскиот куп, откако вечерва по драматичен меч го елиминираа словенечкиот Целје на пенали со 4-3. Во регуларниот дел, реваншот во салата СЦ Билјанини извори заврши со победа од 25-24 за охриѓани.
По минималниот пораз од 26-27 на првиот натпревар во Словенија, охридскиот тим одигра одличен реванш и на десетина секунди пред крајот дојде до посакуваната предност од два гола (25-23). Сепак, гостите во последниот напад постигнаа гол и го однесоа мечот во пенал-рулет.
Во пенал серијата, херој беше голманот Пилиповиќ, кој го одбрани клучниот удар во шестата серија и му донесе голема радост на домашниот тим и навивачите.
Натпреварот беше израмнет од самиот почеток. Во првото полувреме ниту една екипа немаше поголема предност од еден гол, а истото темпо продолжи и во вториот дел. На две минути до крајот, при резултат 23-23, Ѓукиќ и Лиапис донесоа предност од два гола, но Целје во последните секунди повторно се врати во игра.
Во пеналите, Охрид беше посмирен и поефикасен. Јасухира со девет голови беше најефикасен во составот, додека Пилиповиќ запиша 12 одбрани и го реши натпреварот.
Во финалето, охридскиот тим ќе се соочи со унгарскиот Татабања, кој го елиминираше Извиѓач со вкупен резултат 68-67.